Со 80.000 учесници, КOP28 е најголемиот самит на ОН за климата досега


Дубаи– КOP28 е официјално најголемиот самит на ОН за климата досега, со 80.000 учесници регистрирани на список кој — за прв пат — покажува за кого работат. До оваа година, оние што учествуваа не беа обврзани да кажат за кого работат, што го отежнуваше откривањето на лобистите и идентификувањето на потенцијалниот конфликт на интереси на преговарачите. 

Околу 104.000 луѓе, вклучително и технички и безбедносен персонал, оваа година имаат пристап до „сината зона“ посветена на вистинските преговори за климата и павилјоните на присутните држави и организации. 

Тоа во голема мера го надминува претходниот рекорд на минатогодишниот самит на ОН за климата во Египет, COP27, на кој имаше 49.000 акредитирани присутни и каде лобистите за нафта и гас ги надминаа повеќето национални делегации, според невладините организации. 

Оваа година има речиси 23.500 луѓе од официјални владини тимови. 

Со нив патуваат 27.208 експерти за политики, академици, претставници на професионални организации и високи директори на компании од нафтените гиганти. 

Овие гости немаат ист степен на пристап до преговорите како официјалните делегати, но нивното присуство ја зголеми загриженоста за способноста на големите бизниси да влијаат на разговорите.