Со 74 милиони евра ќе се реконструира болницата во Тетово, но не е изработена ни физибилити студија
Болницата во тетово ќе се реконструира, односно ќе се урнат некои непотребни, дотраени објекти, ќе се реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, ќе се изгради нов павилјон за повеќе медицински дејности; посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија; ќе се набави современа медицинска опрема и ИТ-системи, со што целосно ќе се уреди болничкиот комплекс.
За таа цел, денеска во Тетово беа министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и директорот на Клиничка болница Тетово, д-р Ерзен Елези, заедно со делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство.
При посетата беше презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и опремување на болницата. Проценетата вредност на планираната инвестиција изнесува 4,56 милијарди денари, односно приближно 74 милиони евра, додека конечниот финансиски модел ќе биде утврден по завршувањето на потребните анализи и постапки.
Проектот предвидува:
– реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок;
– изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности;
– посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија;
– набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи;
– отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.
„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење“, истакна министерот Клековски.
Инвестицијата е од непосредно значење за околу 251.500 жители на полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.
Со претставниците на Светска банка беа разгледани следните чекори: подготовка на физибилити студија, техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање одржлив модел на финансирање.
Министерството за здравство, заедно со Фондот за здравствено осигурување, општина Тетово и раководството на КБ Тетово, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази на проектот.