Продолжува изградбата на пругата кон Бугарија. Потпишани договори за 200 милиони евра

Реномираната турска компанија „Ѓулермак“ и познатиот „Штрабаг“ ќе ги градат двете делници на пругата од Куманово до Крива Паланка. Рокот е 36 месеци


 

Изградбата на пругата кон Бугарија може да продолжи. Денеска беа потпишани два договори за пругата од Коридорот 8 на релацијата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка и еден и за реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино на Коридорот 10.

Инвестиција е 200 милиони евра и на овие два проекти ќе работат европската компанија „Штрабаг“ и турската „Ѓулермак“. Трите договори денеска ги потпиша директорот на ЈП „Железници“, Хари Локвенец, со претставници на „Штрабаг“ и „Ѓулермак“, откако тие беа избрани на меѓународниот тендер што траеше повеќе месеци. Доколку сѐ оди како што треба двете делници треба да бидат завршени за 36 месеци.

Договорот со „Ѓулермак“ е „најтежок“ и вреди 155 милиони евра. „Ѓулермак“ треба да ја изгради втората делница од Коридорот 8 од Бељковце до Крива Паланка во должина од 34 километри.  Рокот за изградба е 36 месеци. На овој потег ќе бидат изградени две железнички станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта во вториот дел на пругата.

„Ѓулермак“ е реномирана компанија од Турција токму за изградба на железнички транспорт. Таа има градено железнички и метро линии во Индија, Турција, Норвешка, Полска, Дубаи, а позната е по машините што ги има за пробивање тунели.

Договорот со „Штрабаг“ за првата делница на Коридорот 8 во должина од 31 километар од Куманово до Бељаковце изнесува 40,5 милиони евра. неа ќе ја гради „Штрабаг“, која има своја филијала во Македонија, а изведувала многу вакви проекти во целиот свет. На овој дел ќе бидат изградени и три железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Клечовце и Довезанце. Рокот за градба е 24 месеци.

Со „Штрабаг“ е потпишан и договор во вредност од 4,8 милиони евра за реконструкција на делот од пругата на Коридорот 10 од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километри со рок на градба од шест месеци.

Овие проекти се финансирани со кредит од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР, но во вториот лот се користи средства од инструментот на ЕУ – Инвестициски фонд за Западен Балкан (ВБИФ), во висина од 68,5 милиони евра.

Како што истакна директорот на „Железници“, Локвенец на денешната прес-конференција во Владата, и за третата делница на Коридорот 8 од Крива Паланка до Деве Баир од ВБИФ е добиена потврда за доделување инвестициски грант во висина од 155 милиони евра.

Заедно со претходно обезбедените 61 милион евра од ИПА 2 програмата за третата делница е добиен грант во вкупна вредност од 216 милиони евра за проектот чија проектна вредност е 405 милиони евра. (Н.В.)