Со 161 милион денари Гостивар ќе прави улици, а ќе воспоставува и систем за селекција на отпад


Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити при денешната посета на општина Гостивар најави дека во наредниот период ќе се инвестира во повеќе инфраструктурни проекти. Тој посочи дека тоа е дел од приоритетите на Владата за развојот на инфраструктурата како основа за развој на општините.

Меџити по средбата со неговиот домаќин, градоначалникот Ваљбон Лимани напомена дека станува збор за покрупни инвестиции. Тие ќе се реализираат во делот на подобрување на патната инфраструктура, а ќе се работи и на подобрување на состојбата со животната средина преку изградба на канализациски мрежи, колектори и набавка на опрема за комунална хигиена.

– Денес фокусот на дискусијата беше на проекти кои ги реализиравме, а дел од нив се во процес на започнување на реализацијата во оваа општина и кои како Влада и како МЖСПП сметаме дека во основа се за создавање на современо и квалитетно општество со инвестиција во животниот стандард на граѓаните, економијата и животната средина. Проектите кои ги поддржуваме и реализираме во општина Гостивар, но и во сите други општини, не се само краткорочни решенија, туку и долгорочни стратегии за подобрување на квалитетот на животот, рече Меџити.

Тој напомена дека од буџетот на МЖСПП за 2025 предвидени се средства за обезбедување на функционалност на проектот за фекален колектор, фекална и атмосферска канализација за урбан блок 21, за кој претходно беа вложени над 87 милиони денари, а сега обезбедени дополнително уште 35 милиони денари, со што овој проект ќе биде завршен во целост.

Преку проектите финансирани од ЕИБ наредната година ќе се гради и резервоар за село Чегране, со пристапен пат во вредност за 30 мил денари и воедно и фекалната канализација. Министерот Меџити нагласи и дека со регионалниот проект за цврст отпад со поддршка од ЕБОР за општина Гостивар ќе се обезбеди опрема за селекција на отпад за домаќинствата, набавка на камиони за транспорт на отпад според барањата на општината.

– Во рамките на овој проект за општина Гостивар ќе се набават 3.300 канти од 120 литри, 210 контејнери, како и набавка на 11 камиони за транспорт на отпад, рече Меџити.

Градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани искажа задоволство од посетата на Меџити со кого разговарале за сите проекти во доменот на инфраструктурата кои ќе бидат поддржани од државата.

– Освен за тие што се во тек разговаравме и за проектите кои планираме да ги реализираме во 2025 година. Дел се програмите на министерството, но и во склоп на програмата на Владата на Република Македонија. Во вториот повик за се подготвуваат повеќе од 40 проекти кои се надевам дека ќе помогнат во креирање на подобри услови и подобра инфраструктура за нашиот град и за нашите граѓани, рече Лимани.

Меџити напомена дека со програмата за користење на средствата за капитални дотации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти за 2024 година од страна на Министерството за транспорт на општина Гостивар ѝ се доделени средства во висина од нешто повеќе од 161 мил денари за реализација на повеќе проекти за реконструкција на улиците и патната инфраструктура.