Со 1,4 милијарда денари преку Оперативниот план ќе се опфатат 11.761 лице

Во Владата денеска беше презентиран Оперативниот план за активните мерки и активности за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година. Премиерот Оливер Спасовски истакна дека се обезбедува континуитет на една од најуспешните мерки на Владата во изминатиот период.

-За две и пол години со овие мерки се вработени над 59.000 граѓани, а невработеноста ја намаливме на рекордно ниско ниво од 17,1 отсто, што е намалување за 5,5 процентни поени, рече Спасовски.

Упати апел до сите граѓани кои бараат работа да не чекаат и да аплицираат за мерките на Агенцијата за вработување и да ги прифатат шансите што се наменети за сите граѓани.

За оваа намена во 2020 година се планирани 1,4 милијарди денари од кои 1,3 милијарди денари ќе ги обезбеди државата додека останатите средства се обезбедени преку партнерски организации (140 милиони денари). Очекувањата се дека во оваа програма ќе бидат вклучени 11.761 лице и да има рамномерен опфат на мажи и жени, фокусот да биде најмногу на лица до 29 години и програмата има рамномерна регионална застапеност.

-Преку оперативните мерки за вработување во нашата држава обезбедуваме поголема вработливост кај сите невработени лица во нашата држава, стимулирајќи ги тие да се преквалификуваат, доквалификуваат од една страна како физички лица, од друга страна компаниите да апсорбираат одредени мерки со кои ќе може да ги вклучат овие невработени лица на пазарот на труд. За да можат овие мерки да бидат поуспешни, повеќе адаптирани на потребата на невработените лица и потребите на бизнис секторот, тоа го правиме навистина како консултација и постојана соработка со овие засегнати страни, што се барањата, што е потребата на бизнис секторот и каков вид профили се потребни да се дообразуваат или да се преквалификуваат за да може тие да ги вклучат на пазарот на труд, изјави Царовска.

Вицепремиерката рече дека и оваа година продолжува инвестирање во оние лица од кои се очекува развивање на претприемачки дух бидејќи се покажало дека овие микро бизниси се одржливи и опстојуваат.

– Во 2020 очекуваме да поддржиме 1.364 микро бизниси и одвојуваме 447 милиони денари за оваа мерка, рече таа. Преку мерката за самовработување во 2017 година 97 проценти од основаните фирми се уште функционираат, додека во 2018 година активни се 99 проценти од фирмите основани на тој начин.

Царовска кажа дека се помага и стопанството со 1.900 нови работни места за што се одвоени 618 милиони денари преку мерките за субвенционирање, вработување и раст на правни субјекти, како и поддршка за вработување на лица со попреченост.

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкриељ истакна дека во фокусот на Оперативниот план се младите и дека мерките на Владата даваат резултати.

-Показател за тоа е стапката на невработеност која што беше измерена последниов квартал од 2019 година и изнесува 35,3, споредено со 2016 кога беше 48,6 проценти, рече дополнителната заменик-министерката за труд.

Потсети дека минатата недела во Собранието беше донесен Закон за младински додадок со кој се предвидува на млади до 23 години кое се самовработени или вработени во компании претежно во производствена дејност или е индивидуален земјоделец преку центрите за вработување ќе му се исплаќа  месечен надоместок од 3.000 денари.

-Очекуваме минимум опфат на 4.000 млади лица обезбедени се 160 милиони лица, рече таа навдувајќи дека оние што сакаат да се пријават за оваа мерка ќе треба да пополнат формулар во агенцијата за вработување.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска истакна дека годинава ќе продолжат обуките и тоа кај работодавачи, за стручни квалификации, за возачи, за претприемништво и за ИТ (дигитални) вештини.

– Овие обуки се на барање на стопанствениците за оние дефицитарни занимања, рече таа.

Првичниот опфат на практикатни е над 1.575 лица за што се одвоени 46 милиони денари. Јовановска тврди дека над 50 отсто од лицата што биле на пракса останале кај работодавачите и се вработиле. Продолжува и програмата за работно ангажирање и тоа за општокорисна работа и за јавни работи за што се планирани 40 милиони денари.

Претставниците на Владата потенцираа дека сите овие мерки и активности се во согласност со потребите на стопанствениците и бизнисите.