Снуп Дог ќе го носи олимпискиот факел: Пораснав гледајќи ја Олимпијадата…


Американскиот рапер, актер и музички продуцент Снуп Дог ќе биде меѓу носителите на олимпискиот факел во петок, последниот ден од штафетата пред вечерното отворање на Олимписките игри во Париз.

 

Нему ќе му се придружат француската актерка Летиција Каста, францускиот рапер МЦ Солаар, како и пензионираниот украински скокач со стап Сергеј Бубка. Снуп Дог ќе биде меѓу последните носители на олимпискиот факел, носејќи го низ улиците на Сен Дени, етнички различното северно предградие на Париз, кое е дом на Олимпискиот стадион и Центарот за водни спортови.

Олимпискиот факел два месеци патуваше низ Франција, а во петок наутро ќе помине и низ Олимпиското село кое се наоѓа меѓу Сен Дени и соседниот Сен Оуен.

„Да славиме, да ги направиме овие игри незаборавни, да оставиме најдобрите да го осветлат златото“, изјави 52-годишниот уметник кој американскиот канал NBC го ангажираше како еден од коментаторите на Олимписките игри во Париз.

„Пораснав гледајќи ја Олимпијадата и многу сум возбуден што ќе ги видам овие неверојатни спортисти како го покажуваат најдоброто во Париз“, рече раперот во изјава за NBC. Неговите социјални мрежи покажуваат дека тој е особено голем љубител на кошарката и американскиот фудбал.

„Ќе имаме некои луди настани, и секако дека ќе внесам Снуп стил во комбинација: тоа ќе бидат игри за паметење“, изјави тој за веб-страницата на NBC.