Снежната радост стигна и во Скопје
Според прогнозата, снегот треба да паѓа во текот на целиот ден денеска, со мали прекини, а и во понеделник
Скопје виде снег – првпат зимава, а и по подолго време, главниот град се разбуди под снежна прекривка.
Снегот, кој од синоќа почна да паѓа во Скопје, ги прекри улиците, тревниците, дрвјата и покривите. Наликува на зимска бајка.
Одличен е и тајмингот! Викенд е, а повеќето деца, кои се останати дома, се израдуваа на белилото надвор. Побрзаа топло да се облечат, врзани со шалови, ракавици на рацете и разнобојни топли капи, со зацрвенети носиња, прават снешко. Закажуваат снежни борби со топки, а ги извадоа и санките од подрумите, па вешто бараат надолнина, каде може да се лизгаат.
Снегот не ги израдува само децата. Многу скопјани со носталгија се потсетија, на долгите снежни зими од минатото, кои сè поретко ги имаме. Лани, речиси воопшто да не падна снег, иако низ Македонија го имаше. Впрочем, како и годинава. Источните и западните планински делови на Македонија, веќе двапати беа под дебела снежна покривка, но на градовите во Повардарието, вклучително и Скопје, ова им е прв снег.
Снег има и во крајните југоисточни делови од земјата. Струмица и Демир Капија имаат мала снежна покривка, но радоста е голема. Снежно е и во Пробиштип и Прилеп, Битола и Берово, Тетово и Радовиш, Пехчево и Дебар…
Според прогнозата, снегот треба да паѓа во текот на целиот ден денеска, со мали прекини, а и во понеделник. Највата за пад на температурите значи дека снегот подолго ќе се задржи во главниот град, што ќе биде добро за прочистување на воздухот, но и на улиците. Снегот е добар и дрвцата, особено оние овошните, а секако и за почвата.
Штом се стопи, ќе се наполнат и акумулациите, а Вардар матно, но полно, ќе потече по својот тек.
Снежната покривка значи дека птиците не можат лесно да најдат храна. Затоа, бидете одговорни и милостиви, па ставете трошки или семиња на надворешниот дел од прозорците. Ако имате дворови, врзете неколку вреќички со семиња по гранките, или изработете хранилки во кои деновиве ќе ставате храна за врапчињата.(Б.Б.)