„Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески го затвора 43.ИФФК „Браќа Манаки“


Свеченото затворање на 43. ИФФК „ Браќа Манаки“ ќе биде одбележано со проекција на играниот филм Снежана на крајот умира“(SNOW WHITE DIES AT THE END) во режија на Кристијан Ристески. На денешната прес конференција беше претставена екипата која работеше на филмот.

-Кога се прави филм секогаш е многу долг периодот од иницијалната идеја до премиерата. Тоа се обично четири и повеќе години. Лично верувам во еден став на Пол Томас Андерсон кој вели дека сценаристот не треба да се занимава со темата на почеток, треба да си ја напише приказната, а темата ќе излезе низ процесот сама од себе. Така некако беше случај и во мојот филм, едноставно напишав приказна и сега a posteriori, откако се заврши, мислам дека сум направил филм за добрината. Нешто што ми пречи последниве години во нашето општество, а мислам дека тоа е и глобално прашање-заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас, со другите живи суштества, со планетата, дури да бидеме добри со самите себе и за себе. Некако ми се чини дека филмот е за неколку луѓе кои успеваат да останат добри, да се заштитат од оваа морална катастрофа што се случува околу нас и успеале да си направат некаква оаза на добрината, по доста висока цена која ја плаќаат во останатите аспекти на нивниот живот, рече режисерот Кристијан Ристески.

Тој посочи дека филмот добил финансиски сретства во 2017 година од Агенцијата за филм, во текот на развојот бил селектиран во два програми за развој на сценарио, истовремено бил селектиран на два маркети и откако завршиле груба монтажа биле селектирани на три воркинг прогрес програми на филмските фестивали во Карлови Вари, Софија и Рим- и тоа е пасошот на филмот пред премиерата. Подоцна добиле сретства и од Министерството за култура на Кипар, така започнала копродукцијата и на крај имал онлајн светска премиера во јануари годинава на „Сламденс“ во Парк сити поради ковид пандемијата.

-Ова е единаесетта година како доаѓам на ИФФК „Браќа Манаки“, но ова е прва година кога сум тука со филм. Воспоставивме прекрасен однос која вроди со заедничка копродукција која се надевам дека во иднина само ќе расте, рече копродуцентот Константинос Никофору од Кипар.

Директори на фотографија се Димо Попов и Севдије Кастрати.

-Ова беше еден од моите омилени проекти на кои работев, бидејќи беше една мошне емотивна поетична приказна, секако поради тимот и режисерот Кристијан Ристески кој ми е најдобар пријател. Ви благодарам што ќе го гледате филмот, се надевам ќе ви се допадне, рече Димо Попов, кој има зад себе четириесеттина филмови. Тој поради работни обврски, во моментов снима во Момбај, не беше во можност да присуствува на денешната прес конференција, но се вклучи онлајн.

Севдије Кастрати е исто така кинематограферка на филмот, позната е по многу филмови, последен во низата е „Вера сонува за морето“, но и филмовите „Брак“, „Отворена врата“ итн.

-Севдије ги сними сите ноќни сцени, а Димо дневните сцени, така што мислам дека тие беа идеална комбинација, бидејќи не можеше ниту едниот ниту другиот да го направи цел филм. Стилот го договоривме сите заедно и воопшто не се забележа дека работеле двајца кинематографери. Доследни беа и едниот и другиот во своите делови, рече Ристески.

Дарко Попов е продуцент на филмот, вклучен е од самиот почеток во проектот.

-Филмот почнува да се рекламира на маркетот на филмскиот фестивал во Торонто, веќе имаме агент за продажба, а во македонските кина ќе почне да се прикажува од 6 октомври, најпрвин во скопските кино сали, а потоа и низ цела држава, рече Попов.

Животите на еден самотник што уште живее со родителите, лице со Аспергер, вработен во видео-клуб, момче од маркетинг агенција, маалски филозоф и гинеколог се испреплетени во три откачени приказни за љубовта, пријателството и посветеноста. Улогите ги толкуваат: Дениз Абдула, Валентин Костадиновски-Тино и Давид Јанакиев.

-Откако ја видов премиерата на филмот сфатив дека станува збор за комедија. Додека снимавме, Кристијан работеше со нас како да снимаме драма, рече Валентин Костадиновски-Тино.

Дениз Абдула е веќе препознатлив актер и во регионот и рече дека нема некоја голема разлика во поглед на работата со режисерите од регионот.

-Во овој филм успеваме да извлечеме посветеност и работа во текот на цело време. Како актери во секоја работа се посветуваме максимално. Сметам дека имаме квалитетни режисери и во областа на филмот сме многу понапред од останатите држави во регионот и тоа е видливо, рече Абдула.

Ивица Димитријевиќ има искуство од двете страни на камерата и ги сподели впечатоците од снимањето на „Снежана на крајот умира“.

-Не е важно на која страна од камерата се наоѓаш, туку е важно да си ја сфатиш одговорноста на твојата улога. Сите учесници треба да бидат сериозни и одговорни, а тоа беше случај при снимањето овој филм. Уште од самиот почеток кога отидов на кастинг почувствував дека крајниот резултат ќе биде добар. Имавме одлична соработка, а имавме и проби, нешто што не се практикува многу често кај нас и потоа се одеше мазно и лесно. Осумнаесет снимачки денови поминаа без никакви проблеми. Иако сцените во кои јас учествувам се позахтевни, со добра подготовка и добра мисла се постигнува се, рече Димитријевиќ, кој се заблагодари на ИФФК „Браќа Манаки“ за прикажувањето на филмот.

На актерот Давид Јанакиев ова му е дебитантско појавување во долгометражен филм, толкува лик со нарушување од аутистичен спектар и тој проговори за методот на кој успеал да ја долови улогата.

-Уште бев во училиште кога бев информиран дека сум ја добил улогата, не бев свесен, но најпрво се зафатив со психологијата на лицата со нарушување од аутистичен спектар, еден месец читав за тоа, гледав документарни филмови. Сите техники кои ги изучуваме на училиште се исти и потекнуваат од Станиславски, така што сепак сметам дека најважно е што ќе успееш да извлечеш сам од себе, рече Јанакиев.