Смирување на тензиите: Се сретнаа Пленковиќ и Вучиќ


 

Хрватскиот и српскиот лидер, Андреј Пленковиќ и Александар Вучиќ, се сретнаа во Давос за да разговараарт за смирување на тензиите и за односите меѓу двете земји.

Пленковиќ истакна дека се неопходни дополнителни напори за решавање на отворените прашања меѓу двете соседни земји.

„За време на Светскиот економски форум во Давос разговарав со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за билатералните односи и европскиот пат на соседните земји“, објави Пленковиќ на Твитер со фотографија со Вучиќ.

Хрватска и Србија се оптоварени со бројни отворени прашања, од 1.832 исчезнати до компензација за затворениците и гонење на воените злосторници.

„Покрај политиката на дијалог и смирување на тензиите, неопходно е да се направат дополнителни напори за решавање на отворените прашања“, нагласи Пленковиќ.

Пред средбата со Вучиќ, Пленковиќ учествуваше на средба на тема „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“.

По средбата на Инстаграм се огласи и српскиот претседател Вучиќ.

„Многу фер разговор со Андреј Пленковиќ за српско-хрватските односи. Верувам дека во периодот пред нас ќе успееме да постигнеме напредок и во економските и во политички односи“, напиша Вучиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера изјави дека сака да ги нормализира односите и да ги смири тензиите меѓу Косово и Србија и најави средба со Вучиќ.