Сметководителите бараат разрешување на нивните проблеми, најавуваат ново Собрание на 31 мај

Сметководителите денеска на прес-конференција најавија дека на 31-ви овој месец ќе се одржи Собрание на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и дека очекуваат дека ќе се надминат проблемите со кои се соочуваат во изминатите две години.

-Професијата е во заложништво на управувачки структури кои беа отповикани од страната на органите на ИСОС уште пред речиси две години. Откако беа препознаени низа нерегуларности и слабости во нивното работење. За жал, постапката за конечно отстранување на овие структури е блокирана во Министерстовто за финансии. Сега сме сведоци на една апсурдна ситуација во која токму структурите кои уште пред две години беа отповикани и разрешени се уште ја остваруваат ефективната контрола врз работењето на ИСОС, изјави денеска на прес-конференција Благоја Грозданов член на Надзорниот одбор.

Тој потенцира дека во меѓувреме се случиле и низа други злоупотреби.  Во прв ред, рече, злоупотребена е довербата која на овие структури им беше првично укажана, а не се исполнети должностите кон фелата согласно Законот за вршење сметководствени работи. Управувањето на ИСОС се спроведува на најнетранспарентен можен начин, а интересите на сметководителите се ставени на последно место.

На Собрание на ИСОС закажано на 31-ви овој месец се очекува да се изгласа отпочнување постапка за избор на нови членови на УО по што останатите органи ќе пристапат кон објава на оглас на кој ќе може да се пријават заинтересираните лица.

Според Грозданов, со оваа постапка очекуваат конечно Министерството за финансии да одговори на барањата на сметководителите и да се одблокира работењето на ИСОС.

Александара Андреева овластен сметководител потенцира дека во изминатите две години наместо градење и издигнување, сметководствената професија е ставена на маргините.

Таа додаде дека дел од проблемите се нелојална конкуренција, институционално дозволено нелегално работење, непочитување на закон, блокиран институт и молк од надлежните институции, наметнати обврски без никави права и дека во сето во сето ова Институтот кој е најповикан да се бори за нивните права поради пасивноста и нефункционалноста на своите органи и внатрешните превирања, непотизам и финансиски криминал, веќе две години е блокиран од претставниците на органите на управување без никаква разрешница.