Сметководители заболени од Ковид-19, се бараат итни мерки за заштита


Со Ковид-19 се заразени и сметководители, поради што бараме состојбата итно да се разгледа и ако е можно да се донесат дополнителни мерки за заштита на фелата, соопшти денеска Институтот на сметководители.

Институтот во барањето, кое е испратено до Владата и до Министерството за финансии, нагласува дека сметководителите не се опфатени со владините мерки, а во Законот за вршење сметководствени работи не се предвидени услови за работа во вонредна состојба.

– Ве информираме дека веќе има заразени сметководители со коронавирус, па сметаме дека веднаш треба да се преземат конкретни мерки за вршителите на сметководствена дејност, кои изложувајќи се на ризик од заразата, се грижат за прибирање приходи во Буџетот на државата, наведува Институтот.

Тој дополнува и дека е потребно да се воведе мерка според која доставата и протокот на документи ќе се одвива исклучиво по електронски пат.

Институтот до своите 11.014 членови веќе издаде препораки – да го скратат работното време, пристапот до канцелариите да го сведат на шалтер без можност за влез на странките внатре, да носат заштитни маски и ракавици, задолжително да користат гел за дезинфекција и да држат растојание од 1,5 до два метра, меѓусебната комуникација да им биде електронска, да забранат приватни посети и да користат курирски служби.

Во земјава моментно има 2.158 субјекти кои се занимаваат со сметководствена дејност со вработени вкупно 3.513 лица.

Денеска на прес-конференција и Комората на сметководители побара поддршка од државата. Укажа дека секторот е погоден од економските состојби што ги предизвика корона вирусот, како и дека според досегашните проценки, прометот на услугите е намален до 20 отсто.