Смешно соопштение од „Вреди“, ќе бојкотираат со граѓаните иако имаат министер за економија
Коалицијата „Вреди“, од чии редови доаѓа министерот за економија Бесар Дурмиш, што тешко дека го знае пошироката јавност во Македонија, денес застана зад бојкотот на супремаркетите порачувајќи дека – нема да ги остават сами граѓаните.
„Како коалиција која потекнува од народот нема како да ги оставиме граѓаните сами во овој бојкот од мака. Значи, ‘Вреди’ ја разбира потребата на граѓаните да го извршат овој бојкот. Преку него се алармираат профитерите на сметка на народот, дека не можат да постават цени надвор од секоја економска логика.
Ја разбираме нашата тежина и одговорност како коалиција ‘Вреди’, дека сме дел од владата и имаме институционални одговорности. Но, пред сѐ, за нас примарна одговорност е да бидеме блиску до граѓаните и да ги поддржуваме во секоја иницијатива што ја преземаат за колективно добро. Затоа, денеска министерот за економија, Бесар Дурмиши, одблиску ќе се сретне со многу граѓани за да ги поддржи во овој неопходен бојко“т, најавуваат од „Вреди“.
Тврдејќи дека и досега не седеле со скрстени раце „како претходната влада“, туку донеле мерки за заштита на стандардот на граѓаните со замрзнување на маржата на основните прехранбени производи, за да не дојде до енормно поскапување онаму каде што нема основа, тие ја поздравија иницијативата на граѓаните за бојкот. И во манирот на ВМРО-ДПМНЕ, цела вина ја префрлија на претходната власт, која неколкупати ги замрзнуваше цените и поригорозно казнуваше.
„Претходната власт изминативе години ги толерираше трговците кои за дополнителна добивка преку нереално поскапување се збогатуваа на сметка на граѓаните. Ова однесување мора да престане. И ако продолжи вака, имаме институционални механизми како што е Државниот пазарен инспекторат, кои е веќе на терен, ги контролираат цените на производите. Доколку дојде до неразумно енормно зголемување на цените и нарушување на пазарната логика, ќе ги искористиме сите механизми што ги имаме на сила и ќе донесеме одлуки и мерки за заштита на стандардот на граѓаните, уверуваат од „Вреди“.
Според нив, „Вреди“ е единствената адреса на која граѓаните можат да ги претстават своите проблеми и грижи.
„Но, ние нема да чекаме граѓаните да дојдат кај нас, туку ќе одиме блиску до граѓаните секогаш кога ќе се појави потреба. Затоа, денеска стоиме блиску и ја поддржуваме иницијативата на нашите чесни граѓани. ‘Вреди’ нема да дозволи богатење и профит на сметка на народот“, стои во ова речиси нереално соопштение на партијата која се претвора во посматрач место да води економија. Прашањето е зошто се „тепаа“ за ресори за кои немаат кадар да ги водат како што треба и сега да бараат вина кај опозицијата за проблемите во државата.