Сменети локациите за гласање на 14 избирачки места во Штип

 Четиринаесет избирачки места во Штип не ги задоволуваат здравствените протоколи и затоа Државната изборна комисија пронајде други локации кои ги задоволуваат протоколите, со цел гласачите да го остварат своето право на глас на изборите на 15 јули. 

Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Сенка Андреева, на денешната прес-конференција информираше дека до вчера за гласање на 14 јули, односно за болни и изнемоштени лица, се пријавиле 98 лица, а за на 13 јули – за лица позитивни на Ковид-19 или кои се во изолација и самоизолација се пријавиле двајца.

-Пристигнат е недоверливиот материјал – параваните, пристигнаа заштитни маски, очекуваме да се донесат и средства за дезинфекција, ракавици, додека доверливиот материјал доаѓа 96 часа пред почетокот на гласањето, рече Андреева.

Таа истакна дека бројот на гласачите во Општина Штип ќе го знаат со пристигнување на избирачкиот список во доверливиот материјал.