Сменет и Суровикин, сега со руските сили во Украина командува началникот на генералштабот Герасимов

Поставувањето на Валериј Герасимов, којшто е началник на генералштабот од 2012, сугерира дека работите на Кремљ во Украина и натаму не му одат според плановите


Сергеј Шојгу и Валериј Герасимов

 

Москва направи уште една смена на главниот офицер кој командува со руските сили во војната во Украина. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу објави денеска, среда, дека од позицијата командант на здружените трупи во Украина е разрешен генералот Сергеј Суровикин и на негово место е поставен лично началникот на Генераштабот, Балериј Суровикин. Веста ја објави агенцијата РИА Новости, повикувајќи се на соопштение на Министерството за одбрана. Суровикин на оваа позиција беше поставен неодамна, во октомври.

Герасимов, кој е на чело на Генералштабот од 2012 година, стана четврти командант на руските војски од почетокот на војната: извори на Би-Би-Си тврдеа дека на генералот Александар Дворников му е доверено раководството на воените операции во април. Подоцна, истражителите на Тимот за разузнавање на конфликти, цитирајќи свои извори, објавија дека руската група војници била предводена од заменик-министерот за одбрана Генадиј Жидко.

Преместувањето на луѓето од позиција на позиција во екот на непријателствата, кажува сѐ, но не и дека „сè оди според планот“, забележува рускиот политиколог Абас Галјамов: „Тоа е повеќе како бесцелно фрлање во потрага по излез“.

Суровикин е деградиран во заменик-командант на групата. Истите функции ќе ги добијат и врховниот командант на копнените сили, генерал Олег Саљуков и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-полковник Алексеј Ким.

„Зголемувањето на нивото на раководство на специјалната операција е поврзано со проширување на обемот на задачите што се решаваат, потребата да се организира поблиска интеракција помеѓу видовите и гранките на трупите“, објаснуваат од руското Министерството за одбрана.

Суровикин (55) го презеде раководството на групата во Украина на почетокот на октомври, еден месец по серијата големи порази во кои армијата го напушти целиот регион Харков.

Во овој период, командантот на Воздухопловните сили и шеф на рускиот контингент во Сирија, Суровикин беше забележан по големи ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина, кои ги погодија речиси сите ненуклеарни централи во земјата. Тој, исто така, најави предавање на Херсон, единствениот регионален центар заземен од руската армија за време на целата инвазија.

Во декември 2022 година, претседателот Владимир Путин му го додели на Суровикин Орденот на Свети Ѓорѓи III степен, иако под негово водство не беше постигнат значителен успех: и покрај вклучувањето на 300 илјади мобилизирани, од кои половината веќе влегоа во трупите, армијата ископа долж линијата на фронтот во обид да ја спречи контраофанзивата на вооружените сили на Украина.

Валериј Герасимов и другите руски генерали беа критикувани за нивните порази во Украина. Критиките пристигнаа од руските про-воени телеграмски канали, како и од шефот на Чеченија, Рамзан Кадиров, и од платеничката група „Вагнер“, која се обидува да се претстави како многу поподготвена формација од редовната руска армија. Креаторот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, го фалеше Суровикин, особено во битките за Бахмут.

На почетокот на декември се појавија гласини за оставка на Герасимов. Прес секретарот на претседателот на Русија Дмитриј Песков ги нарече овие гласини „телеграмски патки“. Во втората половина на декември Герасимов за прв пат по долго време одржа јавен настан – брифинг за странски воени аташеа. Американскиот институт за проучување на војната сугерираше дека на овој начин Кремљ се обидува да ја оправда цената на инвазијата на Украина, да ги собере своите поддржувачи, а исто така да го претстави Герасимов како „уште една личност одговорна за војната“.