Смената на јавниот обвинител за СДСМ не е реформа, туку упад во правосудството


Најавите на Владата за промена на членови на Судскиот совет и на државниот јавен обвинител апсолутно не се никаква реформа, туку притисок и партизација на судскиот систем, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.Тој ваквите потези ги нарече упад во правосудниот систем  предупредувајќи дека, ако сега се сменат тие и се изберат нови пред да се сменат законите, целокупниот реформски процес  ќе се одложи за шест години.

„ Сметам дека нема ниту една причина да не одиме по реформскиот пат на судството кој произлегува од Реформската агенда поврзана со Планот за раст на Брисел. Како партија ќе поддржиме реформски закони во таа насока, а  се друго сметаме дека е упад во системот и обид за партизација“, рече Филипче денеска на прес-конференција.

„Тука станува збор за партизација. Не сакам да коментирам ничија експертиза и знаење, особено во судската власт. Апсолутно, се што отстапува од Реформската агенда (за ЕУ) не е вистинска реформа туку замена на едни луѓе со други“, рече тој.

Во врска со одлуката на Уставниот суд околу измените на крицичниот закон, Филипче рече дека уште пред шест месеци кажал дека е потребно да се   донесе нов Кривичен законик кој ќе биде  компатибилен со европското законодавство, додека  било какви ад хок решенија нема да дадат резултат.Тој напомена дека новиот Кривичен закон веќе се подготвува и дека во моментов е испратен за мислење во Брисел.

На прашањето зошто како партија поддржаа избор на партиски членови во Агенцијата за аудио-визуелни услуги (АВМУ) Филипче рече дека тие не биле само партиски туку и експертски, односно од профеионалните биографии што им ги провериле виделе дека имаат знаење од оваа област и дека сите критериуми ги исполниле.  Според него целта била во ова тело да има преставници и од власта и опозицијата и тоа било политички здраво.  

Надвор од тој контекст тој упати јавно прашање до ВМРО-ДПМНЕ дали разговараат само за промена на грбот со коалиционите партнери од албанскиот блок или разговараат и за промена на химната. Тој притоа најави дека СДСМ остро ќе се спротивстави на ваквите обиди за промена на грбот и на химната, оценувајќи за грбот дека ги одразува карактеристиките на поднебјето и нема етничка асоцијација. (С.Ј.)