Службеник на ЕУ заразен со корона вирус, откажани сите состаноци

Службеник вработен во администрацијата во Брисел е позитивен на коронавирус, потврди денеска портпаролката на Европската комисија Дана Спинант.

„Имаме потврден случај“, рече Спинант, пренесоа медиумите.

Се работи за маж кој е вработен во Европската одбранбена агенција, а кој неодамна патувал во Италија.

Европската одбранбена агенција ги откажа сите состаноци до средината на март, затоа што неодамна заразениот службеник минатата недела се состанал со 30 европски службеници од различни институции.

Еурактив пренесе дека службеникот во саботата на 29 февруари се почувствувал лошо, а наодите покажале дека е заразен со корона вирус.

Исто така, припадник на Европската служба за надворешни работи кој имал состанок со заразениот има симптоми на вирусот, но се чекаат резултати од неговите тестови.

Во Белгија до сега се потврдени 15 случаи на заразени со корона вирус.