Случајот застари, Милошоски нема да одговара во процесот „Моќник“


Антонио Милошоски

 

Уште еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ е ослободен од кривична одговорност поради застарување на неговиот случај што го покрена СЈО.

Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, неговиот татко Милош како и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, денеска се ослободени од обвинението за кривичните дела измама и злоупотреба на службената положба и овластување затоа што јавниот обвинител го смени обвинението во поглед на кривичните дела за кои беа обвинети со што настана апсолутна застареност за кривично гонење на обвинетите.

Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека во случајот во јавноста познат како Мокниќ, Јавниот обвинител во завршните зборови извршил прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт во обвинителен предлог, а извршил и измени во правната квалификација на кривичните дела за кои беа обвинети, соопшти денеска Кривичниот суд.

„Првообвинетиот М.М. сторил кривично дело Измама од член 247 став 3 во врска со став 1, а во врска со член 23 од Кривичниот законик (КЗ). Второобвинетиот М.В. сторил кривично дело од член 247 став 3 во врска со став 1 од КЗ. Трето обвинетиот А.М. сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3, во врска со став 1 од КЗ. Согласно направените измени од страна на јавниот обвинител и тоа во фаза на завршни зборови, судот, по сила на законот донесе пресуда со која обвинителниот предлог се одбива заради настаната апсолутна застареност на кривичното гонење“, соопштија од скопскиот Кривичен суд.

Сите настанати трошоци во текот на постапката ќе паднат на товар на Буџетот на државата.

Пратеникот Милошоски, неговиот татко Милош како и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески беа обвинети дека незаконски продале зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3.920 квадратни метри во село Ижишта, која бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на Милошоски. Според обвинението со тоа на Општина Македонски Брод и на државниот буџет им било нанесена штета од околу 50.000 евра.