Случајот „Соравија“ сѐ уште е во предистрага

Според обвинителот Ислам Абази се спроведува обемна истрага не само околу купопродажбата, туку и околу евентуална поврзаност на конкретни дејствија со лица на високи позиции


Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази (Фото: Б. Грданоски)

 

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција сѐ уште спроведува предистрага за случајот „Соравија“, во кој е инволвиран внукот на лидерот на ДУИ, Дрин Ахмети. Тој без вложен денар стана сопственик на 39 отсто од акциите на трговскиот центар.

Според она што беше соопштено на брифингот во Обвинителството, на кој беа главниот обвинител Ислам Абази и сите други обвинители, се спроведува обемна истрага не само околу купопродажбата, туку и околу евентуална поврзаност на конкретни дејствија со лица на високи позиции, при што беа споменати Фондот за иновации, Комисијата за заштита на лични податоци, отсек за управни работи, Централниот депозитар.

Податоци за случајот биле побарани и од трети земји, а на предметот работат и две единици во МВР – за корупција и за јавни финансии. Во истрагата се вклучена и УЈП и Управата за финансиско разузнување.  Предметот е отворен по допрен глас, а што ќе произлезе од истрагата тешко е да се каже. 

На брифингот денес Абази соопшти исто така дека ова Обвинителство го презело и случајот за „Бехтел и Енка“ по допрен глас, но беше нагласено дека тој не се однесува на договорот за изградба на автопатите туку за јавната набавка за компанијата што ќе врши надзор над работите, чие име покрена контроверзи во јавноста. Притоа беше најавено дека предметот се работи во соработка со Бирото за јавни набавки и со Државниот завод за ревизија, кој наскоро ќе излезе со свои наоди околу оваа јавна набавка.

На забелешката дека поминаа десет месеци откако е покрената постапката и дека компанијата веќе работи на терен, а резултат од истрагата нема, од Обвинителството се пожалија дека само еден истражител од дваесетте што ги имаат работи на тоа, а самиот има и други предмети, а истрагата е обемна. 

Ислам Абази и државниот обвинител Љупчо Коцевски во новите простории на ОЈО ГОКК (Фото: Б. Грданоски)

Абази наброја повеќе предмети кои ги завршило Обвинителството за организиран криминал и корупција, но можеше да се пофали само со две пресуди  – за обвиненијата против Драги Рашковски и Мухамед Зекири. Тој призна дека сите предмети на СЈО ќе застарат поради промените на Кривичниот законик и кога ќе се случи тоа документите и доказите ќе се уништат, како што налага законот. 

Тој притоа информираше за текот на повеќе предмети на кои работат, споменувајќи ги и  „Империја“, „Трансмет“, „Грчец“, и „Еуростандард банка“. Во врска со предметот „Империја“, кој се однесува на „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, Абази информираше дека постапка е во фаза на судење за преостанатите обвинети од предметот.

Од предметите што се однесуваат на криумчарење на луѓе, мигранти, дрога и оружје тој го спомена предметот „Фамилија“ кој се однесува на организирана група со криумчарење луѓе и мигранти за кој рече дека била голема акција за заплена на оружје во која прв пат после неколку години склучиле заеднички истражни тимови со други држави. Ја сподели и пресудата за „Беланоца“, потврдена во Апелација и предмет со кој имаат соработка со Грција каде се опфатени четири наши државјани како меѓународна група за трговија со дрога. Спомена дека се работи на предмет за трговија со дрога во Струга и Охрид, и го сподели и предметот „Синџир“ за злосторничко здружување каде има повеќе обвинето со предизвикана штета од околу 8 милиони евра.

Во врска со истрагата за „Грчец“, Абази кажа дека се доставени известувања, наредби за распишување на национални и меѓународни потерници и едно лице е во екстрадициски притвор во Шпанија. За случајот со модуларната болница во Тетово, информациите беа дека е уште во предистрага и е обезбедена документација, преземени се дејствија за донесување на јавнообвинителска одлука.

За предметот „Трансмет“ беше посочено  дека постапката е во голем дел завршена, а откако новиот републички јавен обвинител ќе биде запознаен со предметот, ќе информираат за одлуката, додека по иницијативата на ДКСК за „Холидеј ин“, односно за донесен ДУП од Општина Центар се впуштиле во обемно истражување и  донеле одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување по 353 став 5, бидејќи, според нив, нема повреда, односно, нема сторено штета на буџетот. Сѐ друго било доставено до ОЈО Скопје да се признесе за евентуално сторено кривично дело. 

Запрашан да направи споредба со СЈО во однос на ресурсите со кои располага, од обвинители до експерти за разни области, финансиски средства, опрема и слично, тој рече дека е неспоредливо, односно дека како институција се далеку од условите за работа со кои располагаше Специјалното обвинителство.

Зградата во која е сместено обвинителството за организиран криминал (Фото: Б. Грданоски)

Брифингот се одржа за првпат во новото седиште на Обвинителството кое им беше доделено во 2012 година, кое се реновираше до 2016 година – но тогаш констатирале дека не се обновени тоалетите!  Практично се чекале седум години за да се заврши тоа и да се вселат во новите простории во кои ќе има форензичка лабораторија, посебен истражен центар, просторија за деца жртви и за заштитени сведоци, архива за предметите на дофат, директен компјутерски пристап до МВР и до банките и други олеснувања. Но, од 1.300 предвидени вработени сега имаат само околу тристотини. Абази соопшти дека во Обвинителството сега има јавен обвинител од Словенија кој работи на проект за нивното екипирање. (С.Ј.)