Случајот со Онишченко е црвен картон за АНБ, оценува Борјан Јовановски
Доделувањето на државјанство на украинскиот коњаник е полош од обичен корупциски скандал
Дојде време кога како држава треба да ги преземеме сите обврски кои произлегуваат од привилегијата да се биде под безбедносниот чадор на НАТО. Обидот да се заврши приказната во Агенцијата за национална безбедност во случајот со Украинецот Александар Онишченко со префрлање на вина на еден или двајца и тоа во секторот за соработка со пријателските служби едноставно нема шанси да заврши успешно. Овој пат таа работа околу одговорноста ќе треба да оди многу подлабоко во ткивото на Агенцијата за национална безбедност, пишува Борјан Јовановски во текст во „Новатв“.
„Ако внимателно ја слушнете изјавата на директорот на АНБ , Виктор Димовски тој самиот кажува дека одговорноста паѓа на ова четврто, сега суспендирано ниво во АНБ за соработка со пријателски служби, само доколку првите три нивоа изразиле некаква сомнеж околу апликацијата на руско–украинскиот ‘коњаник“ околу неговиот профил. Зошто ние воопшто би имале некакви ‘служби’ и ‘нивоа’ ако целата работа се сведува на тоа што ќе ни кажат нас пријателските служби за секој кој бара државјанство во Македонија.
Потфрлањето на најмалку десетина вработени во АНБ од неколку витални сегменти на организациската структура на ова институција ја прави дури неверојатна, за нас фолклорната опција дека во заднината стои лукративен интерес. Случајот е многу полош од обичен корупциски скандал бидејќи открива целосна нефункционалност на една оваа институција од витален интерес за државата.
Случајот е црвен картон за АНБ која по сѐ мора да оди на целосен ремонт за да се извади од инерцијата на ‘светлите славни традиции’ на институција во која се мати водата за да се покријат и задоволат нечии дневно политички агенди или бизнис интереси на ‘широкогради’ транзициски бизнисмени. Воедно, случајов е жолт картон за политичката власт која после овој скандал мора да сфати дека членството во НАТО не е банер и материјал за ПР агенција за привлекување на гласачи туку сериозна обврска од цивилизациски карактер која бара целосна посветеност на принципите врз чија основа е создадена оваа воено-политичка организација.
Владата деновиве треба да одлучи кој ќе биде новиот прв човек на АНБ. Во заднината на аферата стои и многу видлива порака дека новиот шеф на АНБ ќе треба да биде човек кој не припаѓа или е близок на еден или друг политички моќник, туку дека е личност со професионален интегритет кој не би бил спорен дури ни за опозицијата“, оценува Борјан Јовановски.