Случајот на Лиза Домски во САД: Дали се повредни религиозните убедувања од „ковид“ вирусот


Во деновите на глобалната пандемија од Ковид-19, кога светот се обидуваше да најде начин за да го заштити здравјето на граѓаните, се појавија и нови предизвици поврзани со правата на поединците на работните места. Таа криза ја откри и сложеноста на односот помеѓу јавното здравје и индивидуалните верски убедувања. 

Имено, станува збор за случајот на Лиза Домски, која поминала повеќе од 30 години како лојален и посветен вработен како ИТ-специјалистка во големата американска здравствено-осигурителна компанија Blue Cross Blue Shield of Michigan. Таа во оваа компанија работела главно од дома, далеку од канцеларискиот простор. Била дел од тимот кој обезбедувал техничка поддршка, овозможувајќи непречено функционирање на значаен сегмент од здравствениот систем во еден од најтешките периоди во современата историја.

Меѓутоа, во 2021 година, кога компанијата ги вовела новите политики за задолжителна вакцинација против Ковид-19, Лиза се нашла во незавидна ситуација. Длабоко верна на своите католички убедувања, таа побарала религиозно изземање од вакцинирањето. И, наишла на одбивање.

Па така, одлуката на Blue Cross Blue Shield да го одбие нејзиното барање и да ја отпушти Лиза не станува само административна постапка, туку момент што предизвика правна битка и национална дебата во Соединетите Американски Држави. Нејзиниот правен тим истакнал дека таа работела од далечина, без да претставува ризик за колегите, што го прави отказот уште понеправеден. Барем, за познавачите на правото и правдата.

За Домски, ова значи почеток на лична борба не само за својата работа, туку и за правото да ги живее своите религиозни убедувања без страв од казна. Што ќе рече, нејзиниот случај набрзо се преобрази во симбол за многу работници кои се соочуваат со слични дилеми помеѓу корпоративните правила и личните верувања.

Како и да е, во ноември во 2024 година, федерална порота во Детроит донесува пресуда во нејзина корист и ѝ доделува 12,7 милиони долари отштета, од кои десет милиони се казнена отштета, а останатите делови покриваат изгубена заработка и нематеријална штета. Оваа пресуда значи силна порака дека компаниите мора сериозно да ги земаат предвид религиозните барања и дека дискриминацијата на работното место поради вера не е прифатлива.

Оваа судска постапка не само што ѝ донесе финансиска правда на Лиза туку, како што тврдат американските медиуми, ја потсети и јавноста и компаниите дека почитувањето на индивидуалните права се темел на секое слободно општество. Правните експерти предупредуваат дека ваквите случаи ќе имаат влијание врз идните корпоративни политики и ќе ги натераат работодавачите да аплицираат поиндивидуализирани пристапи кон религиозните барања на вработените.

Од друга страна пак, Blue Cross Blue Shield негира дискриминација и тврди дека нејзините религиозни убедувања не биле искрени, што пак, ја отвори дебатата за тоа како се проценуваат и докажуваат религиозните изземања. Компанијата исто така посочи на својата обврска да обезбеди безбедна работна средина, што за време на пандемијата имаше особена важност.

Сепак, судот ја оцени искреноста на барањето на Лиса и ја потврди нејзината заштита, укажувајќи дека нејзината работа од дома го минимизира ризикот за другите.

Лиза со сопругот Лари 

Овие настани со Лиза Домски отворија поширока дискусија за слободата на верата и колективната одговорност. И постави важни прашања. Како го балансираме правото на лично верување со потребата за заштита на јавноста? Колку далеку може да оди корпоративната моќ во услови на здравствена криза?

Овие прашања, потенцираат упатените, се од суштинско значење за иднината на работните односи во САД, но и ширум светот. Случајот ја потсетува јавноста дека правата на поединецот не смеат да бидат жртвувани во име на колективната безбедност без внимателна анализа и почит.

Затоа што Домски не е само лик во судска постапка. Таа за американската јавност е пример за храброста да застане за својата вера и права во време кога светот се соочува со невидлив непријател. Нејзината борба и победа, велат гласноговорниците за заштита на човековите слободи, го потсетуваат општеството колку е важно да се слуша гласот на поединецот, особено кога тој глас зборува за суштински вредности.

Во ерата на пандемијата, кога здравјето и слободите понекогаш изгледаа како спротивности, „досието Лиза Домски“ е потсетник дека правдата и почитта кон различноста се основа на вистинското заедништво.

Инаку, овој спор практично, се уште не е затворен, а компанијата се соочила во меѓувреме и со други тужби од ваков вид. (МИА)