Случајот МКЦ преминува во политички проблем


Одлуката за тоа кој ќе седне на директорското место во Младинскиот културен центар може да повлече дополнителни потреси на политичката сцена. Навидум, за пошироката јавност и не е толку важно кој ќе ја води оваа институција и кој ќе ја креира креативната програма во следните години. Но, доколку внимателно се погледне списокот на потписниците на отвореното писмо упатено до премиерот Зоран Заев, таму ќе се прочитаат имиња на луѓе што со децении се столб во креирањето, но и одржувањето на и онака кревката културна сцена.
Поголемиот дел од нив се активисти кои низ годините преку соодветни методи на дејствување носеа и политички промени.
Тие образложија дека, иако формално за изборот на директор на МКЦ е надлежен градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, наменски се обраќаат до премиерот на државата. Ова значи дека граѓаните, во случајов креаторите на независната култура и нејзините консументи, не веруваат во чесната процедура и дека сепак ќе биде назначен некој за кој партијата на власт смета дека тоа го заслужил.
Во отвореното писмо тие јавно изразија поддршка за актуелниот в.д. директор на МКЦ, Русе Арсов, сметајќи дека тој е најсоодветен да продолжи да ја реализира визијата за МКЦ.
Потписниците на писмото сметаат дека она минимално што функционира во областа на културата не треба да се менува.
Од друга страна, како контракандидат на овој конкурс се јавува рок-музичарот Арбен Бени Шакири, за кого, пак, неговите поддржувачи сметаат дека секој има право на отворен јавен конкурс да аплицира, бидејќи Македонија е демократска земја. Шакири категорично отфрли дека е член на политичката партија СДСМ.
Според Законот за локална самоуправа, градоначалникот на Град Скопје ги именува директорите на јавните институции кои се под нивна надлежност, меѓу кои и МКЦ.
Комисијата, која е составена од членови од Град Скопје и од управниот одбор при МКЦ, требаше минатата недела да се состане, но тоа не се случи.
Сега, се очекува во текот на оваа недела да ги разгледаат двете пријави и да дадат мислење до градоначалникот за тоа кој кандидат сметаат дека е поквалитетен. Градоначалникот, во случајот Петре Шилегов, може да го прифати нивното мислење, но и не мора.
Конкурсот за директор на оваа институција го објавува Град Скопје, а во него се бара кандидатите да бидат државјани на земјава, во моментот да немаат правосилна судска пресуда за изречена казна или прекршочна санкција, забрана за вршење на професија, дејност или должност.
Да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршено високо образование утврдено со статус на установата. Да имаат пет години работен стаж во областа на културата или пет години работно искуство на работи или проекти во областа на културата. Потребен е и сертификат или уверение за познавање на англискиот јазик. Во пријава, кандидатот треба да достави и кратка биографија, доказ за работниот стаж, како и предлог-програма за работа и развој на установата. И.Н.