Случај „Талир“: Се одмотува клопчето за рекетот на ВМРО-ДПМНЕ врз бизнисмените


Силјан Мицевски изјави дека лично на рака му дал на Никола Груевски 10.000 евра

 

Додека ВМРО-ДПМНЕ денеска ги правеше подготовките за првиот протест против владата која ја нарече „мафијашка“ во судот почнаа на површина да се појавуваат деталите за тоа како партијата ги рекетирала бизнисмените кога беше на врвот на моќта. На процесот за случајот „Талир“ за лажното финансирање на партијата во износ од пет милиони евра преку фалсификувани уплатници, на денешното рочиште на случајот му фрли поинакво светло познатиот бизнисмен од Битола, Силјан Мицевски, кој зборуваше за тоа како давал пари во ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски се појави во судот како сведок на обвинителката Ленче Ристоска и тој, според она што го јавува сдк.мк, го објаснил начинот на кој рекетирала власта кога неговата компанија ќе добиела одреден тендер за изведување работи и барала од него да ги земе како подизведувачи „тие и тие“ фирми.

„По наредба на премиерот или генералниот секретар на владата се случувало да ми кажат: ‘Земете го тој и тој подизведувач’. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал, на пример, да го вклучам ‘Трансмет’ за ископ во Битола“, рече Мицевски во судот.

Тој кажуваше и по кој образец оделе донациите за партијата, но и за некои други.

„Лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. Сме донирале за ВМРО-ДПМНЕ и индиректно, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”.

Кога Ристоска го праша од кои лица доаѓале овие барања, Мицевски одговори: „Еднаш Влатко Чинговски, кој беше директор на ЕЛЕМ, ми има дадено писмо и фактури за плаќање, другпат Кирил Божиновски, имало и други што доаѓале, седеа кај секретарката, не ги познаам сите. Барањата за спонзорства, плаќања се случуваа во просториите на Владата, во РЕК кај генералниот директор и на други места“.

Овој случај за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари поранешниот премиер Никола Груевски за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари и други приноси од казниво дело. Уште на двајца им се суди за истото кривично дело – Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Меѓу обвинетите е и досегашниот пратеник Илија Димовски за перење пари. Поради процесот замрзнат е имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и неговото раскошно седиште. (Н.В.)