Случај „Рекет“: Ловот на пратеници е неизвесен


Дали ќе биде проширена истрагата за случајот „Рекет“ или единствени осомничени за рекетарската мрежа ќе останат менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец е главното прашање што се поставува по отворањето на оваа истрага која ја шокираше јавноста. Засега Јавното обвинителство е многу претпазливо, ги анализира доказите што ги има в раце и се обидува да собере нови. Позицијата во истрагата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е пата-пата, или е злоупотребена или е вмешана во криминалот, но сè уште не е осомничена. Засега единствено е потврдено дека Боки 13 му зел рекет од 1,5 милион евра на бизнисменот Орце Камчев со ветување дека ќе издејствува кај Јанева да му биде прекината истражната постапка за случајот „Империја“.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за „Независен весник“вели дека во овој момент не може да се каже дали ќе се гонат пратеници, обвинители и други личности.

„Да, истрагата ќе се прошири за сите инволвирани лица во конкретниот случај, како и за други кривични дела доколку во неа се дојде до такви докази. Во овој момент не може да се каже дали ќе бидат опфатени пратеници, обвинители или други личности. Постапуваме неселективно и делото ќе го истражиме и расветлиме целосно и сеопфатно. Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден“, вели Јовески во интервјуто кое целосно ќе биде објавено во бројот на весникот што ќе излезе в понеделник.

За премиерот Зоран Заев, Кики и Фрики не постојат. „Треба некој да ги соопшти со име и презиме, па да видиме дали има истраги или не. Апелирам на истражувачко новинарство и само така ќе ја средиме државата. Шпекулациите некој пат нанесуваат рушење на чест и углед кај луѓето. Кога ќе се соопштат имињата, тогаш јас ќе бидам директен“, рече Заев.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција продолжува со истрагата, а доказите што ги има собрано, видеоснимките, снимките од разговорите и телефонот на Јанева сè уште се вештачат. Во меѓувреме, и други бизнисмени што ги уценувал Боки 13 отишле во Обвинителството и тврделе дека и тие биле мета исто како и бизнисменот Орце Камчев.

Откако неколкумина дале изјави, сега Обвинителството бара докази за да ги документира нивните изјави. За разлика од нив, рекетот што го пријави Камчев е документиран, односно тој лично поднесе кривична пријави и снимки од изнудувањето пари. Шпекулациите и приказните за овој случај во медиумите не престануваат, а едно од тврдењата е дека токму Бугарија му помогнала на Камчев да го документира случајот. Извори од Обвинителството, пак, велат дека како се обезбедени снимките не е предмет на оваа истрага и дека главната битка со нив ќе биде кога случајот ќе стигне во Кривичниот суд, овие снимки да бидат прифатени како докази.

Освен овие докази, Обвинителството најверојатно прибира докази и преку Оперативно-техничката агенција ОТА, која во моментов активно следи 159 комуникации со судска наредба.

На прашањето дали од тие 159 активно следени комуникации има и такви за случајот „Рекет“, директорот Зоран Ангеловски нагласи дека ОТА нема увид во идентитетот на лицата што се следат.

„Иако барањата за следење на комуникациите ОТА ги добива со скриен идентитет, веројатно има и од тие телефонски броеви“, изјави Ангеловски.

Премиерот Зоран Заев на последната прес-конференција на која одговараше на новинарски прашања рече дека дали некоја странска држава била вмешана треба да каже Јавното обвинителство.

Централниот одбор на СДСМ завчера едногласно донесе декларација која се однесува на последната афера „Рекет“, која ја тресе власта.

„Се дава поддршка на највисокото раководство на СДСМ, кое е највисоко раководство во Владата, како и поддршка на сите други институции да продолжат со бескомпромисната борба против криминалот. Последниот случај покажува дека постои механизам кој функционира и го штити општеството и може да се справи со криминалот и корупцијата. Централниот одбор донесе декларација со која застанува во одбрана на функционирање на правната држава и правниот систем“, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, вчера по централниот одбор на СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на партиската прес-конференција се интересираше дали на распит е викнат и синот на обвинителката, Лазар Јанев, со оглед на тоа дека тој беше вработен во телевизијата на Боки 13. Оттаму ги повикуваат институциите да истражат дали оваа афера води до врвот на СДСМ.

„Дали од истрагата на надлежните се утврдило дали осомничениот Боки 13 контактирал телефонски или остварувал средби со Зоран Заев во Владата во изминатиот период за кој се товари дека вршел изнуда или рекет. Постојат индиции дека лицето Боки 13 добивало насоки кои лица да ги уценува и кои методи да ги користи од високи функционери на власта и СЈО со цел нелегално прибавување милионски износи“, велат од опозицијата.

Фросина Факова-Серафиновиќ