Случај „Рекет“: Ќе ги потфати ли истрагата високите функционери?


Шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева доби 30-дневен притвор за случајот „Рекет“, но експертската јавност порачува дека проширување на истрагата мора да има бидејќи спроведувањето темелна истрага не значи сведување само на тројцата осомничени. Јанева не смее да се претвори во жртвено јагне туку треба да се откријат сите помагатели.

Управата за јавни приходи од денеска ќе почне да ги проверува фирмите поврзани со првоосомничениот Бојан Јовановски и неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, вели дека покрај за фирмата „БЈМ медиа груп“, телевизијата 1ТВ и „Меѓународниот сојуз“, ќе издадат налог за проверка и на физичките лица кои примале пари од таму.

Пред неколку дена во обвинителството сведочеше Лилјана Тодоровска, членка на „Меѓународниот сојуз“, на чија сметка бизнисменот Силјан Мицевски на име на авторски хонорар уплатил 720 илјади евра за наводен проект. Тодоровска претходно изјави дека парите ги подигнала во кеш и ги дала на друго лице од „Сојузот“, без да прецизира за кого точно станува збор.

Според информации од истрагата, кон крајот на 2017 година банка пријавила во Управата за финансиско разузнавање дека има сомнителна трансакција. Потоа таа го информирало Обвинителството, кое ги замрзнало средствата и се обратило до Финансиската полиција да го истражи потеклото и намената на паричните средства. Пред да ѝ се исплатат парите во Финансиската полиција била викната пензионерката и таа им кажала дека станува збор за проект за модерен центар за возрасни лица.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми во изјава за „Призма“ тврди дека таа ја доставила целокупна документација за проектот, а според нејзиниот исказ тој бил поминат во претходната влада кога имало Ден на идеи и притоа има потврда дека таа влада проценила оти навистина може да се реализира. Тој објаснува дека таа ги добила парите по основ на склучен договор за стратегиско партнерство и деловна соработка, а објектот со дополнителни пари требало да го гради градежната фирма „Пелистер“.

Неофицијално, за истрагата на случајот „Рекет“ ќе бидат повикани бизнисмени кои од досегашните искази биле посочени дека дале пари за некаква противуслуга од СЈО, но тоа не го потврдиле во предистражната постапка. Но ќе бидат повикани и високи функционери на СДСМ со засега непознат статус. Двајца од нив, пак, веќе беа повикани на распит во обвинителството. Тоа се градоначалниците на Карпош и на Битола Стефан Богоев и Наташа Петровска. Од самиот старт на аферата провејуваат и имињата на потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, која е назначена за почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“, како и ексгенералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

Бојан Јовановски во име на невладината организација, барем од она што е досега познато, потпишал меморандуми за соработка со Министерството за транспорт и врски и со општините Струмица, која тогаш ја води портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, Куманово, каде што градоначалник е Максим Димитриевски, како и Карпош и Битола. Сите категорично демантираа дека се вмешани во некаков криминал.

Она што засега се чува како државна тајна е исчезнувањето на Орце Камчев, осомничениот во „Империја“. Никој жив не знае каде е и, ако е надвор од државава, дали воопшто ќе се врати. Ниту, пак, некој знае дали тој и натаму ќе се третира како сведок во случајот во кој врши поткуп за својата слобода. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на прес-конференцијата по приведувањето на Јанева рече дека тие сознанија не може да ги сподели со јавноста во корист на истрагата.

Тој во своето излагање, уште пред да настапат новинарските прашања, нагласи дека според досегашните докази нема ниту една индиција дека незаконски прибавени средства завршиле кај домашни или странски политичари. И затоа, рече тој, случајот не треба да се политизира. Но во следната реченица ѝ порача на јавноста дека може да биде убедена дека обвинителството посветено го испитува случајот и дека за секој за кого ќе утврди дека презел кривично-правни дејствија ќе ја прошири истрагата која засега опфаќа само тројца осомничени.

Јанева е осомничена дека прифатила влијание за олеснување на положбата на бизнисменот Орце Камчев во случајот „Империја“. Поточно, за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, за разлика од првите двајца осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои се товарат за примање награда за противзаконито влијание и перење пари. Од Обвинителство вчера потврдија дека претходно примените парични средства Боки 13 ги пуштил во оптек како легално стекнати пари. Одземените предмети по извршениот попис, меѓу кои и скапа брендирана облека, часовници, накит и уметнички слики, се чуваат во Агенцијата за управување со одземен имот до правосилност на пресудата за сега осомничениот Јовановски.

Доколку обвинетиот се огласи за виновен, по правосилноста на пресудата одземените предмети со одлука на судот ќе бидат трајно одземени“, велат од Обвинителството.

Засега постојат непобитни докази дека Јанева добила нов мебел вреден 298.000 денари за да му ја олесни положбата на Камчев во истражната постапка. Мебелот што ѝ бил подарен од осомничениот Јовановски, наводно, не бил ни платен во салонот од каде што бил набавен. По интервенции од продажниот салон, лице од 1ТВ донело одредена сума во евра како гаранција дека мебелот наскоро ќе биде платен, а по плаќањето гаранцијата во евра да им биде вратена.

Обвинителката Вилма Русковска рече дека не знае колку точно пари можеби завршиле кај Јанева и оти финансиската истрага сè уште тече. Меѓутоа, за неа тоа било едно од најтешките соочувања со осомничени за случај бидејќи се работи за нејзина колешка.

Истрагата може да трае и шест месеци, можеме да бараме и продолжување на истрагата, но доколку сакаме да опстои притворот мислам дека и понатаму во рок од 3 месеци мора да биде подигнато обвинение“, изјави Русковска.

Таа ја потврди информацијата која ја објавија медиумите пред неколку недели, дека во Специјалното јавно обвинителство се бришеле податоци од некои компјутери. Како што рече Русковска пред Кривичниот суд по распитот на Јанева, меѓу компјутерите во кои е интервенирано не се и оние на обвинителите.

Видете, познато е дека дел од компјутерите се бришени и, колку што јас имам информации, тоа се на стручните соработници кои работат во СЈО. Ниту еден компјутер на кој било обвинител не е бришен и не е форматиран“ рече Русковска. (Н.К.)