Случај „Империја“: Судот заплени имот, вклучувајќи го и хотелот „Мериот“
Случајот „Империја“ добива нова динамика, а обвинителството презеде поостри чекори.
Судот, по барањето на обвинител од одделението за борба против организираниот криминал, донесе одлука за замрзнување на повеќе имоти, меѓу кои хотелот „Мериот“ на главниот скопски плоштад, куќата каде што живее поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, акции на фирмата „Ексико“ во Стопанска банка Битола, удели во фирмата „Дивелоп груп“ на Александар Ивановски и деловниот простор вреден 1,7 милиони евра во објектот што се гради на скопскиот плоштад.
Овие барања, кои ги прифати судија на претходна постапка, се резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање. Од прибраниот доказен материјал произлегува дека предложениот имот е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик.
Истрагата „Империја“ се води за кривичните дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Првоосомничени се бизнисменот Јордан Камчев и Сашо Мијалков и уште 11 други лица, меѓу кои и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески.