Случај Богоевски: Се бараат наркотестови за сите функционери


Скандалот со пратеникот Павле Богоевски по објавената снимка на која тој тврди дека нарачува масло од канабис за близок болен член од семејството, а не кокаин, ја крена јавноста на нозе.

Скопското обвинителство побарало МВР да го утврди идентитет на сопственикот на профилот „Илија Громовник“, каде што беше објавена снимката на пратеникот Павле Богоевски, во која тој нарачува „пола“ од нешто и бара убаво да се спакува. Околу содржината на снимениот разговор, исто така, ќе бидат направени проверки за да се утврди дали постојат елементи на сторено кривично дело, соопштуваат од Обвинителството.

Оттаму најавуваат дека се можни истраги и за пријавата на Богоевски за неовластено снимање од страна на таксистот, но и за содржината на снимката.

Богоевски самиот отиде во полициска станица откако на интернет-страницата регистрирана во Русија беше пуштена аудиоснимката. Јавно побара да му биде направен тест за наркотични дроги како доказ дека ја зборува вистината. Еден од неформалните водачи на „Шарената револуција“ рече дека разговорот бил пред неколку месеци, а се пушта сега бидејќи како претседател на собраниската мандатно-имунитетна комисија треба веднаш да закаже седница за одземање на пратеничкиот мандат на азилантот Никола Груевски.

Освен опозициските партии, и дел од експертската јавност смета дека во случајот Обвинителството може да покрене постапка. Адвокатот Александар Тортевски вели дека има простор за такво нешто бидејќи Богоевски признал дека на црно набавувал масло од канабис, а за тоа му се заканува најмалку една година затвор.

Во меѓувреме, „метла“ за пратеникот од собраниските клупи побараа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тие сметаат дека по објавата на снимките Богоевски повеќе не е достоен да ја врши пратеничката функција.

Од пратеничката група на СДСМ, во која дејствува и Богоевски како независен пратеник, велат дека кривичната одговорност треба да ја бараат надлежните. Но за политичката одговорност од СДСМ сметаат на личната совест на пратеникот.

„Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, секако и околу неовластеното снимање и емитување. Законите важат за сите подеднакво. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест на секој пратеник, како на секој друг човек“, вели координаторот на СДСМ, Јован Митрески.

Од ДУИ бараат „проветрување“ за сите јавни и партиски функционери. Ќе почнеле од својата партија. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, најави дека ќе поднесат иницијатива за таканаречен „ветинг“, односно контрола за секој пратеник или функционер кој врши јавна дејност, како што се судии и обвинители, за контрола во врска со користење наркотици, но и учество во криминал и корупција. Од ЛДП не го коментираат случајот, но бараат легализација на лесните дроги.

И дел од универзитетската фела побара наркотест за функционерите. Професорката Мирјана Најчевска смета дека сите пратеници и високи функционери во власта треба барем двапати годишно да бидат проверени за употреба на психотропни супстанции.

 

Џафери: Нема простор за отворање постапка

 

Од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери велат дека тој отвора постапки за народни избраници секогаш кога тоа го бараат Уставот и законите, но случајот на Богоевски не бил таков.

„Во овој момент нема основа за каква било постапка. Претседателот на Собранието очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот“, велат од кабинетот на Џафери.

Од Владата, пак, се оградуваат. Велат немаат ингеренции за случајот.

Фото: Б. Грданоски