Словенија: За фирмите и граѓаните 2 милијарди евра, платите на функционерите помали за 30 отсто


На специјална прес конференција словенечката Влада ги претстави долго најавуваните мерки за помош на граѓаните и компаниите кои имаат финансиски последици поради корона вирусот, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Премиерот Јанез Јанша кажа дека Владата подготвила „мега“ законски пакет кој предвидува вкупна помош од две милијарди евра, со цел државата без поголеми последици да ја помине кризата.
Тој објави дека додека трае епидемијата платите на сите именувани државни функционери ќе бидат намалени за 30 отсто.
За да се зачуват работните места државата го презема плаќањето на придонесите за сите вработени, а здравствените трошоци за време на епидемијата целосно ќе ги покрива Фондот за здравство, а не работодавецот.
Оние кои се изложени на опасност поради својата работа за време на епидемијата ќе добиваат поголема плата од 10 до 200 отсто, а се препорачува и приватните компании да го следат истиот пример и на вработените кои се во ризик да им се зголемат платите.
Државата ќе го укине плаќањето на сите сметки за пензионерите со ниски примања, а оние со најмали пензии ќе добиваат и солидарен додаток, односно дополнителна финансиска помош.
Помош има и за оние кои се самовработени. Ако поради епидемијата имаат намален обем на работа или воопшто не работат, државата ќе има дава финансиска помош во висина од 70 отсто од минималната плата, а ќе им бидат ослободени од плаќање на сите сметки.
На прес конференција беа и објавени голем број мерки за помош на индустријата, земјоделство и сите оние сектори кои трпат штети поради епидемијата на коронавирусот.
Премиерот кажа дека ова е само првиот пакет помош, а веќе се подготвуваат и за втор кој ќе биде моделиран според барањата на граѓаните и компаниите, а изминатиов период до нив стигнале над 1.000 предлози и идеи по електронска пошта.