Словенија усвои мерки за ублажување на скокот на цените на енергијата


Во саботата, словенечката влада усвои неколку мерки за ублажување на поскапувањето на енергијата, вклучително и еднократна помош од 150 евра за ранливите социјални групи.
Ќе го добијат граѓаните кои инаку добиваат социјална помош, вкупно околу 67.000 лица, изјави премиерот Јанез Јанша по владината седница.

Право на додаток имаат и пензионерите чија пензија не надминува илјада евра, инвалидите и многудетните семејства.

За мерката ќе бидат издвоени над 100 милиони евра.

Владата ќе се обиде да ги намали акцизите за струја и енергија на „најниско можно ниво“, рече Јанша, но ДДВ нема да се промени.

Владата усвои и предлог-закон за ублажување на поскапувањето на енергенсите за економијата и земјоделството, со што ќе се доделат 70 милиони евра „асиметрична помош“ за компаниите најтешко погодени од енергетската криза.

Мерките ќе важат од 1 февруари до 30 април, а според Јанша би можеле да бидат продолжени доколку кризата не се смири.