Словенија сепак нема да воведува служење воен рок


Словенечкото Собрание одлучи да се повлече предлог законот со кој се превидуваше повторно воведување на служење воен рок во земјата, јави дописникот на МИА од Љубљана.

На првото читање на законот подготвен од партијата СДС (Словенечка демократска партија) на мандатарот Јанез Јанша, „против” гласаа 51 пратеник, а 36 дадоа поддршка на ваквото законско решение.

Против ваквото воведување на служење на воен рок гласаа и пратениците кои сега се нови коалициони партнери на СДС. По ваквиот резултат, предлог законот е повлечен од собраниска процедура.

Инаку, во потпишаниот коалициски договор за формирање на Влада на чие чело ќе биде Јанша, стои дел кој предвидува постепено враќање на служењето воен рок, со цел да се пополнат празнините во армијата.