Словенија објави дека помошта била испорачана на барање на македонската влада


Министерството за одбрана на Словенија објави дека помошта во медицинска опрема за борба против корона вирусот вредна 110.000 евра била испорачана на барање на македонската влада. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, вчера тврдеше дека помошта се реализирала откако тој му се јавил на словенечкиот премиер Јанез Јаша и го побарал тоа.

На официјалниот сајт на Министерство за одбрана на Словенија пишува дека помошта е испорачана со авион на словенечката војска. „Со тоа, Словенија во духот на меѓусебна солидарност се одзва на барањето на Северна Македонија, за хуманитарна помош преку механизмот на Европска Унија во рамки на цивилната заштита со цел спречување на ширење на болеста Ковид-19“, пишува во официјалната информација на МО на Словенија.

Слична порака беше испратена и на Твитер профилот на Министерството за одбрана на Словенија и уште беше додадено „Ние сме НАТО, ние сме сојузници“.