Словенија ни ги зема студентите – лани запишани 1.516 бруцоши од Македонија


Многу голем број студенти од Македонија се запишани на факултетите за компјутерски науки и информатика (FRI), Факултетот за електротехника, Економскиот факултет и Биотехничкиот факултет, вели Киара Лазич, која студира медицина во Словенија и е координатор на тимот за комуникации, пишува fakulteti.mk.

Бројот на Македонци што одлучуваат да студираат во Словенија секоја година расте. Македонската студентска организација во Словенија ни сподели дел од статистиките со кои располага, а кои ги добила од Заводот за статистика на Словенија. Во учебната 2000/21 г. на факултетите во Словенија биле запишани 48 студенти од Македонија, до учебната 2005/6 г. оваа бројка станува троцифрена – 147 студенти, додека во учебната 2019/20 четирицифрена – 1.170 наши студенти. Последна бројка со која располагаме е од минатата година (учебна 2022/23 г.) кога 1.516 студенти од Македонија се запишале на студии на универзитетите во Словенија.

Голем интерес за „Запознај ја студентска Словенија“

– Со статистички податоци за учебната 2023/24 сè уште не располагаме, но со оглед на многубројните пораки што ги добиваме изминативе месеци на нашите социјални мрежи (Инстаграм, Вибер, е-пошта), како и заинтересираноста за настанот „Запознај ја студентска Словенија“, кој го одржавме на 18 септември оваа година во НЛБ Галерија во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Словенија, НЛБ Банка и други, можеме да заклучиме дека Словенија секоја година станува сѐ попопуларна и привлекува поголем број наши студенти – велат од Македонската студентска организација во Словенија.

На прашањето за кои факултети има најголем интерес, тие ни споделуваат:

– Со точна статистика за ова прашање, односно точен број на студенти на секој од факултетите на универзитетите во Љубљана, Марибор и Приморска не располагаме. Но, според наши сознанија како неколкугодишни студенти во Словенија, можеме со сигурност да кажеме дека многу голем број студенти од Македонија се запишани на факултетите за компјутерски науки и информатика (FRI), Факултетот за електротехника, Економскиот факултет и Биотехничкиот факултет – вели Киара Лазич, која студира медицина во Словенија и е координатор на тимот за комуникации.