Словенија ја изгуби тужбата против Хрватска за виното „теран“


Европскиот суд на правдата денеска ја отфрли тужбата на Словенија против Европската комисија во „случајот теран“, долготраен вински спор меѓу словенечките и хрватските винари.

Барањето на Словенија за поништување на делегираната регулатива на ЕУ за условите за употреба на терминот „теран“ на етикетите на хрватско вино од Истра е одбиено, објави Европскиот суд во соопштение за медиумите.

Тужбата се однесуваше на името „теран“, кое се користи и во Словенија и во Хрватска. По пристапувањето на Словенија во ЕУ, терминот се користеше на етикетите на некои словенечки вина, најпрво како традиционално име за вино од Крас, произведено во одредени области со насади од лозје, а потоа признаено како ознака на заштитното потекло, се наведува во обемниот опис на спорот, во образложението на пресудата.

Судот појаснува дека Европската комисија им признала на хрватските винари од Истра дека, и покрај противењето на Словенија, за традиционалното вино наречено теран тие можат да го означат како „Хрватска Истра – теран“, а Словенија поднесе тужба со барање за поништување на таа регулатива, бидејќи Словенија има ексклузивно право на името.