Словенија има недостиг од работници: Дури и кадрите од поранешна Југославија не се доволни


Ситуацијата со недостиг на квалификувана работна сила во Словенија се влошува и изгледа полоша отколку пред кризата во 2008 година. Како што пренесува агенцијата СТА, речиси 50 отсто од работодавците се соочиле со недостиг на персонал во текот на изминатите шест месеци, а големите компании во тоа учествуваат со 70 отсто, објави СТА.

Според Бирото за вработување, дефицитот е најизразен кај угостителството (69%), градежништвото (62%), социјалната и здравствената заштита (62%) и преработувачката индустрија (56%), се вели во текстот.

Работодавачите вработуваат странци за да ја ублажат ситуацијата, но дури и кадрите од поранешните југословенски републики не ги задоволуваат потребите.

Словенечките организации на работодавачи очекуваат владата да ги забрза мерките за справување со овој проблем и да изготви стратегија за промовирање на економската миграција. Генералниот секретар на Здружението на работодавачи на Словенија (ЗДС), Јозе Смоле, вели дека вработувањето странски работници е еден од клучните начини за решавање на ова прашање.

Според Бирото за вработување, бројот на работни дозволи е зголемен од 14.811 лиценци во 2015 година на 18.049 минатата година. Овие бројки не вклучуваат индивидуални дозволи за престој, од кои 1.180 биле издадени во 2015 година, а значително повеќе во 2018 година – 20.889.

Во првите четири месеци од оваа година, 9.693 странци добиле дозволи за престој во Словенија. Сепак, добивањето на овие дозволи не значи автоматски и добивање работна дозвола во соодветната административна единица.

Повеќето регрутирани странски работници се од поранешните југословенски републики. Минатата година Словенија издаде 16.596 работни дозволи за граѓаните на Босна и Херцеговина, 1.281 државјани на Хрватска и 140 државјани на Србија, објави СТА.