Словенија им честиташе на Скопје и Тирана, но побара кандидатски статус за Босна и Херцеговина
Во вторникот, највисоките словенечки претставници ја поздравија одлуката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ со Македонија и Албанија, а премиерот Роберт Голоб, во писмо до европските претставници, повторно се заложи Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус.
„Почетокот на пристапните преговори е испишување ново поглавје за жителите на Северна Македонија и Албанија“, изјави на својот Твитер профил министерката за надворешни работи Тања Фајон, додавајќи дека Словенија ќе продолжи да им помага на двете земји во напредокот на процесот на преговори.
По тој повод честитки до Скопје и Тирана упатија и претседателот Борут Пахор и премиерот Голоб.
Во специјалното писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Голоб се залага Босна и Херцеговина да добие статус на кандидат за членство до крајот на оваа година на најновиот, откако неговиот предлог веднаш да го добие тој статус не ја доби потребната поддршка на последниот самит на лидерите на земјите-членки.
Во писмото објавено од словенечката влада, словенечкиот премиер наведува дека би било добро Босна и Херцеговина да усвои стратегија за реформа на јавната администрација, како и акциски план и стратегија за управување со јавните финансии и дека треба да се додели кандидатски статус на последниот состанок на Советот на ЕУ на крајот на оваа година.
„БиХ би морала да добие статус на кандидат за членство во ЕУ врз основа на исполнување на реални услови, додека ЕУ истовремено би морала да ја признае својата соодговорност за ситуацијата во Босна и Херцеговина и за новата геополитичка реалност во Европа“, наведува Голоб во писмото, кое го пренесоа словенечките медиуми.