Словенија доби претседателка – Наташа Пирц Мусар
Независната кандидатка го победи претставникот на партијата на Јанша, Анже Логар
Словенија ја доби првата претседателка на државата во историјата. Независната кандидатка поддржана од левичарските партии, Наташа Пирц Мусар, победи во вториот круг на претседателските избори. По пребројаните 95,5 отсто од гласачките ливчиња Пирц Мусар освои 54 проценти, а нејзиниот противкандидат Анже Логар од партијата на поранешниот премиер Јанез Јанша, 46 проценти.
Анже Логар веднаш ѝ честита на Пирц Мусар на победата, нагласувајќи дека кампањата била тешка.
Честитка испрати и премиерот Роберт Голоб во која нагласи: „Ви честитам на изборот кој е доказ дека граѓаните и граѓанките на Словенија сакаат да живеат во држава во која се почитуваат темелите на демократијата: човековите права, владеењето на правото, независните медиуми, слободата и дијалогот“.
Излезноста беше 50,5 отсто.
Наташа Пирц Мусар ќе стапи на должност на 23 декември. Досегашниот претседател Борут Пахор помина два мандати како шеф на државата.