Словенецот Пелко нов играч на Вардар


За следната сезона европскиот ракометен првак, РК Вардар како засилување на пикерската позиција ќе го има словенечкиот интернационалец Домен Сикошек Пелко (21). Договорот со него е потпишан на една сезона, со можност соработката да се продолжи уште две сезони.


За 202 сантиметри високиот интернационалец ова ќе биде второ искуство со играње надвор од Словенија. Лани тој настапуваше во австрискиот клуб Брук.
Во кариерата Пелко има настапувано во тимот на Брежице каде ја почнува кариерата за младинските категории. Во сезоната 2013/2014 првпат е регистриран за сениорскиот тим на Кршко, но настапува за кадетите и за младинците. Две сезони подоцна повторно се враќа во тимот на Брежице и една полусезона настапува за Добова. Од 2016/2017 е дел од тимот на Требње. Таму не доби соодветна минутажа, па реши да замине во странство.


Голема чест и задоволство е кога може да ти се исполнат соништата и да добиеш шанса да играш за европски првак и институција каква што е Вардар. Знам дека ме чека уште многу сериозна и напорна работа и докажување, но и сигурен сум дека ќе дадам се од себе, па и повеќе од 100 отсто. Се радувам на соработката со тренерот Давид Писонеро и со нетрпение го очекувам почетокот на подготовките. Доаѓам од Словенија од ракометното школо на РК Требње, а од таму потекнува и мојот сонародник Сташ Скубе, па сигурно тоа и ќе ми помогне околу адаптацијата во тимот, вели Сикошек Пелко.

Австрија како најблиска дестинација му овозможи на Сикошек Пелко да игра и да биде меѓу најдобрите стрелци во тимот на Брук. По една сезона помината во Австрија се сели во Македонија.

„ Младоста е предност за Сикошек Пелко и веруваме дека има предиспозиции да се вклопи во играта и системот на Вардар. Иако не е многу искусен во него препознавме квалитет за кој очекуваме да добие и потврда со настапот во нашиот клуб. Досега се покажало дека многу ракометари што дошле во Вардар потоа брзо напредувале и го потврдиле квалитетот. Со нетрпение го очекуваме почетокот на подготовките и стартот на новата сезона, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.