Словенечкото претседателство очекува формални преговори со Скопје и Тирана


Јанез Јанша и Урсула фон дер Лајен

Премиерот на Словенија Јанез Јанша денеска го инаугурираше почетокот на словенечкото претседавање со ЕУ во Љубљана заедно со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Двајцата потврдија дека се работи на формален старт на преговори со Северна Македонија и Албанија во наредните шест месеци, јави дописничката на МИА од Брисел.

Словенечкиот премиер Јанша изјави дека проширувањето е стратешка цел на Европската Унија и како таква тој очекува дилемите да се решат и да се постигне согласност помеѓу 27-те земји членки на ЕУ за време на претседавањето на неговата земја.

Претседателката фон дер Лајен од своја страна потврди дека ќе се вложат напори од страна на Европската Комисија за постигнување на оваа цел исто така.

-Посветени сме да оствариме напредок во процесот на проширување преку формално отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, и го поздравувам организирањето на самитот со западен Балкан, изјави шефицата на европската извршна власт.

Овој самит треба да се одржи во Словенија на 6 октомври.