Словенечкиот премиер: Ова е најтешката катастрофа во историјата на Словенија


Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека невремето што ја погоди земјата еден ден претходно, најголемата природна катастрофа во историјата на Словенија, погоди две третини од земјата и дека штетата најверојатно ќе надмине 500 милиони евра, пренесува СТА.

Напорите да се врати животот во нормала ќе бидат големи, изјави Голоб по состанокот на Советот за национална безбедност. Најмногу се оштетени патната и енергетската инфраструктура и станбените згради, пишува словенечката агенција.

Чрна на Корошкем, место на северот на земјата, останува отсечено од светот и останува без вода за пиење и храна, поради што основните намирници ќе се испраќаат по воздушен пат. Словенечкиот премиер рече дека во моментов не е неопходно прогласување вонредна состојба бидејќи, како што тврди, Словенија има еден од подобрите системи за заштита во Европа, а функционира и системот за цивилна заштита. Тој додаде дека на Словенија и била понудена помош од меѓународната заедница, за што се заблагодарил. Тој рече дека на седницата на Советот политичарите од сите опции биле единствени во желбата да им помогнат на граѓаните.

„Сакам тоа политичко единство да трае што е можно подолго“, рече тој.

Невремето и рекордните врнежи што ја погодија Словенија во петокот однесоа најмалку три животи. Поплавени се населени места, одрони, затворени патишта и огромни штети на инфраструктурата. Иако количината на врнежи во Словенија полека се намалува, многу патишта се уште се затворени. Словенечкиот центар за сообраќај и информации предупреди дека ситуацијата постојано се менува и водата поплавува нови области. Почнаа да се смируваат и хидролошките услови, со исклучок на долниот тек на реката Сава, а најголеми проблеми се очекуваат на вливот на реките Крка и Сава. Невреме со грмежи се предвидува за недела попладне, но не многу дополнителен дожд.