Словенечкиот народен театар поставува претстава според расказите на Румена Бужаровска


Словенечкиот народен театар – Драма Љубљана подготвува претстава според збирките раскази на Румена Бужаровска „Мојот маж“ и „Не одам никаде“. Режијата е на реномираната режисерка и писателка Ивана Ѓилас, која заедно со Ана Душа работи на драматизацијата.

„Интересно да се напомене дека освен композиторот,“ стои во соопштението за јавност, „целокупната актерска и техничка екипа која ја работи претставата ја сочинуваат жени.“

Во претставата ќе играат: Ива Бабич, Силва Чушин, Маша Дерганц, Петра Говц, Сабина Коговшек, Маша Кагао Кнез, Саша Михелчич, Маруша Мајер, Саша Павчек и Барбара Жефран.

Премиерата е планирана за октомври.

Румена Бужаровска (р. 1981, Скопје) е една од најчитаните автори во регионот. Нејзината книга „Мојот маж“ има продадено тираж од 10,000 примероци само во Србија. На македонски јазик, „Мојот маж“ досега имаше шест изданија. По истоимената збирка раскази во февруари Драмскиот театар во Скопје постави престава во режија на Нела Витошевиќ.