Словенечкиот државен врв се вакцинираше со „АстраЗенека“
Комплетниот државен врв денеска се вакцинираше со вакцината на „АстраЗенека“ за да се врати довербата на граѓаните во неа откако Европската агенција за лекови повторно ја прогласи за делотворна и сигурна за примена.
Претседателот на државата Борут Пахор, премиерот Јанез Јанша, претседателот на парламентот Игор Зорчич и претседателот на Државниот совет Алојз Ковшца заедно се вакцинираа во Националниот Институт за јавно здравје, а од таму објавија видео и фотографии како тие чекаат ред за вакцинирање со задолжителната дистанца.

Пахор на Твитер по вакцинирањето напиша дека со тоа сакал да даде пример и да порача дека пандемијата во Словенија наскоро ќе заврши.
„Веруваме во науката и во стручњаците што не повикуваат да се вакцинираме“, порача словенечкиот претседател.

Денеска се вакцинираше и министерот за одбрана Матер Тонин, а следните денови ќе се вакцинираат и останатите членови на владата. Денеска започна и вакцинирањето на пратениците и вработените во парламентот.
Словенија накусо направи пауза од вакцинирање со оваа вакцина, но штом ЕМА одобри, тие продолжија со имунизација на населението, односно со вработените во образованието и градинките за да продилжи наставата со физичко присуство.