Словенечки „Петрол“: Во текот на летото можен е недостиг од гориво во регионот


Во текот на летото можни се недостиг на нафтени деривати во земјите од регионот поради значително отежнатото снабдување поради блокадата на увозот на руска нафта во Европската унија.

Како што соопштија од словенечкиот Петрол за порталот Report, компанијата има обезбедено долгорочни договори за набавка на нафтени деривати за 2022 година до степен што ја одразува моменталната динамика на раст на мобилноста на нивоа пред пандемијата, утврдена во годинашниот бизнис план.

„Без разлика на ембаргото за руската нафта, ‘Петрол груп’ ќе ги спроведе потпишаните долгорочни договори, но може да има доцнења во испораките и зголемување на откупните цени. Поради ситуацијата во Украина, а со тоа и влошената безбедносна ситуација, веќе видовме доцнење во синџирите на снабдување. Сепак, можеме да потврдиме дека „Петрол груп“ ги потврди планираните испораки на нафтени деривати за јуни за снабдување на пазарите на кои работи (Словенија, Хрватска, БиХ и Србија)“, наведуваат во извештајот.

Целиот пазар на нафтени деривати се соочува со проблеми со понудата, поголема побарувачка од понудата, можност за недостиг на гориво особено во лето и раст на цените на долг рок, предупредуваат меѓународните експертски организации.

Предизвик се и рафинериите кои ќе имаат ограничен капацитет додека технолошки не се прилагодат на суровините од неруски извори. Дополнителен проблем во соседството е дефектот на австриската рафинерија Швехат, каде што привремено е прекината работата и се троши гориво од стоковите резерви.

Само во периодот од 23 мај до 10 јуни, по усвојувањето на ембаргото за руската нафта, откупната цена на бензините на светските берзи се зголеми за 16 отсто, а на дизел горивото за 25 отсто, пренесува Пословни дневник.

„Поради сето наведено не може да се предвиди натамошен развој на движењето на откупните и малопродажните цени на горивата“, заклучуваат од „Петрол“.