Словенија воведува задолжителен божиќен бонус за сите вработени, износот е 639 евра
Словенечката влада го потврди законот со кој се воведува задолжителен божиќен бонус за сите вработени во јавниот и приватниот сектор. Вработените треба да го добијат бонусот најдоцна до 18 декември, а износот ќе биде 639 евра, или половина од бруто минималната плата
Според најавата на вицепремиерот Матеј Арчон, божиќниот бонус нема да биде задолжителен само оваа година, туку ќе стане трајна законска обврска. Износот ќе биде половина од бруто минималната плата, или 639 евра, и ќе биде ослободен од данок и од придонеси. Целта, како што вели Арчон, е „вработените да бидат наградени на пофер начин“, пишува Радиотелевизија на Словенија.
Владата, исто така, предвиде два исклучоци за компаниите кои имаат проблеми со ликвидноста. На ваквите компании им е дозволено да го исплаќаат божиќниот бонус со задоцнување до 31 март 2026 година, или во посебни случаи само 160 евра.
„Компаниите што ја користат оваа опција нема да имаат право да исплаќаат дивиденди или бонуси на менаџментот“, објасни Арчон.
Работодавците ја дочекаа одлуката со мешани реакции. Тие ја поздравија флексибилноста на владата, но бараат дополнителни појаснувања и сметаат дека предлогот е нецелосен. „Можноста за намален божиќен бонус за оваа година ја гледаме како одраз на добрата волја на владата. Сепак, сè уште официјално не го добивме предлогот и ни требаат дополнителни објаснувања“, рече Митја Гореншчек, генерален директор на Трговската и индустриска комора на Словенија.
Гореншчек додаде дека работодавците сакаат божиќниот бонус да остане доброволен, но исто така сакаат да се зголеми прагот на ослободување од данок. Тој ќе разговара за деталите со премиерот Роберт Голоб во петок. Блаж Цвар, претседател на Занаетчиската и претприемачката комора на Словенија (OZS), има слично мислење, предупредувајќи дека предлогот покренува повеќе прашања отколку одговори. Според него, повеќе од 20.000 словенечки компании со негативни деловни резултати би можеле да имаат сериозни проблеми со исплатата на задолжителниот божиќен бонус.
Синдикатите остро реагираа на можноста компаниите со проблеми со ликвидноста да исплатат само 160 евра оваа година. Тие сметаат дека сите вработени треба да добијат ист износ и дека одложувањето на исплатата до март е доволна отстапка за работодавачите. „Оваа вест негативно ги изненади синдикатите. Луѓето ќе бидат ставени во нееднаква положба на овој начин“, рече Јакоб Почивавшек, претседател на Конфедерацијата на синдикати на Словенија Пергам.
Андреј Зорко, претседател на Сојузот на слободни синдикати на Словенија, отиде чекор понатаму. Тој го нарече исклучокот „апсолутно неприфатлив“ и предупреди дека работниците не можат да ги сносат последиците од лошото управување.
Во јавниот сектор, на сите ќе им биде исплатен целиот износ на божиќниот бонус, а вкупната цена ќе биде 118 милиони евра. Вкупното фискално влијание на мерката се проценува на 372 милиони евра.
Во истиот законски предлог, словенечката влада регулираше и зимски бонус за пензионерите како дел од планираната пензиска реформа. Овој бонус ќе се исплаќа веќе од ноември оваа година, во износ од 150 евра, и постепено ќе се зголемува за 20 евра годишно до 2030 година.