Словачка ќе ги тестира сите постари од 10 години
Словачка планира да ги тестира сите граѓани на возраст над 10 години за коронавирусот во следните два викенда, соопшти премиерот Игор Матович на денешната прес-конференција, додавајќи дека тоа е проект кој владата го подготвувала последните три недели.
Сè уште не е јасно дали ваквото национално тестирање ќе биде задолжително или доброволно.
Тестирањето на целото население, како што објасни Матович, е со цел да го открие вистинскиот број на заболени лица во земјата.
Децата помали од 10 години нема да мора да бидат тестирани, рече словачкиот премиер објаснувајќи дека одлуката е донесена врз основа на совети на педијатри.
Словачка има околу 5,5 милиони жители, а тестирањето ќе биде организирано слично како избори, така што ќе има околу 6.000 пунктови во земјата каде што ќе работат седумчлени тимови.