Словачка ќе биде тешко погодена од тарифите на Трамп

Словачка лани произведе милион автомобили. Во автомобилската индустрија се вработени 200.000 луѓе


„Киа“ има огромна фабрика за автомобили во Словачка

 

Откако американскиот претседател Трамп објави нови царини од 25 отсто за „сите автомобили што не се произведени во САД“, Братислава предупреди на сериозни последици за Словачка, која е глобален лидер во производството на возила по глава на жител.

Словачката министерка за економија Дениса Сакова реагираше на новонајавените американски царини во четвртокот, предупредувајќи дека Словачка дефинитивно ќе биде „меѓу првите три“ најпогодени земји во ЕУ.

„Сè уште се надеваме дека царините некако ќе се одложат – исто како во случајот со Мексико и Кина. Ако не се одложат, ќе мораме некако да се справиме со тоа“, рече Сакова на прес-конференција.

Словачка е автомобилски центар. Во земја со 5,4 милиони жители, минатата година се произведени околу еден милион возила. Автомобилската индустрија е движечка сила на економијата на земјата, вработувајќи приближно 200.000 луѓе.

Словачка е домаќин на четири производители на автомобили, поддржани од голем број производители на компоненти. Покрај „Киа“, „јагуар Лендорвер“, „Стелантис“ и „Фолксваген“, наскоро ќе им се придружи и фабрика на „Волво“.

Сакова истакна дека два од овие производители произведуваат автомобили за европскиот пазар, што значи дека влијанието на тарифите ќе биде помало во споредба со другите два, кои извезуваат во САД.

Ако тарифите навистина стапат на сила, рече таа, ќе треба да се почека одмазднички тарифи на ЕУ и да се види што може да преговара словачкиот европски комесар за трговија Марош Шефчовиќ.

Словачката опозиција исто така алармираше за штетното влијание на царините врз економијата.

Опозициските партии Прогресивна Словачка и Слобода и солидарност изјавија дека владата на Роберт Фицо треба да работи во рамките на ЕУ за да спречи ескалација на трговската војна, да поттикне нови инвестиции и да ги отстрани мерките што ги обесхрабруваат бизнисите да работат во Словачка.

Тие, исто така, го критикуваа премиерот Фицо  за неуспехот да ги спречи тарифите. Тие се осврнаа на февруарското патување на Фицо во САД и неговата средба со Илон Маск, каде што тој наводно се обидел да ги избегне тарифите.

„Фицо истрча во САД по средбата со Путин, само за да се фотографира со Маск. Иако тој ѝ кажа на јавноста дека разговараат за царините, ние не гледаме резултат“, истакна лидерот на САС Бранислав Гролинг.

„Роберт Фицо целосно ја промаши целта. Со месеци тој се фокусира на прашања кои се ирелевантни за Словачка, а игнорирајќи ја најважната работа – автомобилската индустрија, столбот на нашата економија“, рече поранешниот премиер Едуард Хегер.