Словачка доби свој „Вотергејт“ скандал


Премиерот Игор Матович разговара со новинарите (Фото: ЕПА)

Националната агенција за криминал на Словачка уапси четири лица во вторникот во случајот што, според различни официјални лица и експерти, може да биде едно од најголемите кршења на компјутерска безбедност во поновата историја на земјата.

Во средата, експерти за компјутерска безбедност и словачки претставници изјавија дека криминалците, па дури и странски разузнавачки служби, можеби имаат пристап до каналите за комуникација на владата.

Во четвртокот, Националната агенција за криминал, откако изврши претрес во просториите на неколку државни ИТ-објекти, открила збир на сомнителни уреди поврзани со владини сервери, објави „Деник Н“. Полицијата соопшти дека се сомнева оти интернет мрежата на владата, „Говнет“, може да биде прислушувана, предизвикувајќи загриженост за евентуална криминална активност или шпионажа.

„Ако се потврдат сомневањата, ова ќе биде ‘Вотергејт’. Не словачки, не европски, туку меѓународен“, рече премиерот Игор Матович во средата, додавајќи дека ако мрежата навистина се нарушела, тоа би било сериозна криза.

Левичарската партија СМЕР-СД, една од најстабилните словачки партии во текот на изминатите две децении, се подели оваа недела. Петер Пелегрини, претходниот премиер, кој се вклучи во СМЕР пред 20 години, во средата објави дека заминува по низата расправии со Роберт Фицо, сегашниот лидер на партијата.

Пелегрини, кој се сметаше за либерална сила во СМЕР, го презеде кормилото на словачката влада во 2018 година по убиството на новинарот Јан Куцијак. Во изјавата во средата, тој посочи дека има намера да започне своја нова, социјалдемократска партија.

После две години конфликти во партиското раководство, Фицо на крајот му го понуди на Пелегрини местото лидер претходно оваа недела, но неговата понуда очигледно дојде предоцна, бидејќи Пелегрини набргу најави дека заминува.

Неодамнешната анкета на јавното мислење од агенцијата „Фокус“ за ТВ Маркиза сугерираше дека новата партија на Пелегрини има потенцијал да стане многу популарна партија, уживајќи во поддршката на над 20 проценти од гласачите дури и пред нејзиното формирање. (Бирн)