Словачка, Чешка и Македонија заеднички ќе ја организираат манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“


Од средбата на Заев со словачкиот амбасадор Маркуш и нашопт сонародник кој долги години живее во Словачка, Лекоски

Премиерот Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш, кој на средбата го претстави долгогодишниот организатор и иницијатор на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ Стојан Лекоски, наш сонародник кој повеќе децении живее во Словачка.
Лекоски на средбата информираше дека оваа година „По трагите на светите Кирил и Методиј“ е вклучена во Европската програма за регионален развој и ќе се реализира со учество на Чешка и Македонија, покрај традиционалниот домаќин –Словачка.

Заев, како што информираат од Владата, предложил оваа година настаните во рамките на оваа манифестација што ќе се организираат во Македонија, да бидат вклучени во програмата за одбележување на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на нашата земја.

„Да покажеме заедно со Словачка и Чешка дека делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е од заедничка вредност за паметење и чествување на сите словенски народи и од огромно значење за европската духовна и културна историја“, истакнал премиерот Заев на средбата.

На средбата со амбасадорот Маркуш се разговараше за взаемната соработка меѓу Словачка и Македонија во процесот на европските интеграции на нашата земја, како и за економската соработка за која има потенцијали за дополнителен развој.