Слободни околу 9.000 работни места

Според податоците на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во моментов во државава има над 9000 слободни работни места.

Најголем дел од нив се во Скопје, каде се огласени 5132 слободни работни места, по што следуваат Штип со 485 и Куманово со 398 слободни работни места.

Најмалку огласени слободни работни места за вработување има во Ресен – четири, во Крушево и Кратово по две и во Валандово едно работно место.

Најголем дел од огласените работни места се во преработувачката индустрија 1849, и во трговијата 1638. Во секторот административни и помошни услужни дејности има 9562 работни места, а во транспорт и складирање 1046.

Најмалку работни места има во јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување каде се слободни 14 работни места, и снабдување со електрична енергија, гас и пареа со огласени четири слободни места.

Според податоците со кои располага Агенцијата, во моментов за овие огласени слободни работни места најбарани занимања се продавачи за кои има 669 и за општи работници 546 места. Се бараат и 349 келнери, 294 возачи на такси и 238 шивачи.

Слободни места има и за 199 програмери и за 99 инженери по информациски технологии, за 91 касиер, 90 готвачи, 84 возачи на автобуси, 84 административни службеници и за 79 техничари за помош на корисниците.

Според овие податоци, се бараат и 221 возач на камион, како и 213 возачи на товарни возила.