Слобода без правда
Ако мислиме дека работите сами ќе си дојдат на свое место доколку ги оставиме да го следат својот тек, ќе завршиме со повеќекратни катастрофи
Книгата „Слободна: Растење на крајот на историјата“ беше слабо примена во Албанија, татковината на Леа Ипи, и лесно е да се разбере зошто. Авторката се опишува себеси како „марксистичка албанска професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија“ – и тоа кажува се.
Додека ги читав мемоарите на Леа Ипа, бев изненаден од сличноста меѓу нејзиниот живот и животот на Виктор Кравченко, советски функционер кој пребегна за време на престојот во Њујорк во 1944 година. Неговите најпродавани мемоари „Ја избрав слободата“ беа првото конкретно сведоштво за ужасите на сталинизмот, почнувајќи со детален опис на Холодоморот (гладта) во Украина во раните 1930-ти. Во тоа време, сè уште искрен приврзаник на режимот, Кравченко учествуваше во спроведувањето на колективизацијата и добро знаеше за што зборува.
Јавно познатата приказна на Кравченко завршува во 1949 година, кога тој триумфираше во тужба за клевета против еден француски комунистички неделник. На судењето во Париз, Советите ја доведоа неговата поранешна сопруга да сведочи за неговата корупција, алкохолизам и семејно насилство. Тоа не ги поколеба судиите, но судбината на Кравченко падна во заборав. Веднаш по судењето, додека во светот беше поздравен како херој од Студената војна, антикомунистичкиот лов на вештерки во Соединетите држави длабоко го вознемири Кравченко. Да се бориш против сталинизмот со макартизам, предупреди тој, значеше да се спуштиш на нивото на сталинистите.
Престојувајќи на Запад, Кравченко стана сè повеќе свесен за неправдите таму и стана опседнат со потребата да се реформираат западните демократски општества одвнатре. Откако го напиша помалку познатото продолжение на неговата книга „Јас ја избрав правдата“, тој тргна во крстоносна војна за да открие нов, помалку експлоататорски начин на економско производство. Таа потрага го одведе во Боливија, каде што се обиде да ги организира сиромашните земјоделци во нови колективи.
Уништен од неговиот неуспех, тој се повлече од очите на јавноста и на крајот изврши самоубиство во својот дом во Њујорк. И не, неговото самоубиство не беше резултат на некоја подла уценувачка операција на КГБ. Тоа беше израз на очај и дополнителен доказ дека неговата првобитна осуда на Советскиот Сојуз отсекогаш била искрен протест против неправдата.
Леа Ипи во една книга го прави она за што на Кравченко му требаа две. Кога избувна граѓанската војна во Албанија во 1997 година, нејзиниот свет се распадна. Принудена да се крие во својот стан и да пишува дневник додека надвор одекнуваа пукотници од „калашников“, таа донела извонредна одлука: ќе студира филозофија.
Но, уште понеобично е тоа што нејзиното занимавање со филозофијата ја врати во марксизмот. Нејзината приказна сведочи за фактот дека најинтезивните критичари на комунизмот честопати биле поранешни комунисти, за кои критиката за „вистински постоечкиот социјализам“ едноставно бил единствениот начин да останат доследни на нивните политички определби.
„Слободна“ произлезе од претходната дискусија за тоа како социјалистичките и либералните поими за слободата се меѓусебно поврзани, перспектива што ја формира структурата на книгата. Првиот дел, за тоа како Албанците ја „избрале слободата“, дава исклучително читливо сеќавање на детството на Леа Ипи во последната деценија од комунистичкото владеење во Албанија. Иако ги опфаќа сите ужаси на секојдневието – недостиг на храна, политички прогони, контрола, мачење и тешки казни – тој е прошаран со духовити епизоди. Дури и под сурови и очајни услови, луѓето најдоа начин да зачуваат трошка достоинство и честитост.
Во вториот дел, кој ги опишува посткомунистичките превирања во Албанија по 1990 година, Ипи раскажува како слободата што ја избрале Албанците – или подобро кажано, им била наметната – не донела правда. Кулминација е поглавјето за граѓанската војна во 1997 година, кога нарацијата се прекинува и отстапува простор на извадоците од дневникот на авторката. Силата на нејзиниот текст лежи во фактот што дури и во нејзините лични записи таа се занимава со крупни прашања, истражувајќи како амбициозните идеолошки проекти обично завршуваат не со триумф, туку во конфузија и дезориентација.
Еден таков проект беше заменет со друг. По распадот на комунизмот, обичните Албанци се подложени на „демократска транзиција“ и „структурни реформи“ дизајнирани да ги „доближат до Европа“ и нејзиниот „слободен пазар“. Горчливиот заклучок на Леа Ипи во последниот пасус од книгата вреди да се цитира во целост:
„Мојот свет е подеднакво оддалечен од слободата како и оној од кој моите родители се обидоа да побегнат. Никој не го постигнува тој идеал. Но, нивната пропаст се разликува и ако не сме во состојба да ги разбереме, ќе останеме засекогаш поделени. Ја напишав мојата приказна за да објаснам, да постигнам мир и да продолжам да се борам“.
Овде, иронично се побива 11. теза на Маркс за Фоербах, во која се тврди тврди дека „филозофите досега само различно го толкуваа овој свет. Работата е тој да се проемни“. Контрапункт гласи дека светот не може да се промени на подобро ако прво не го разбереме. На тоа паднаа големите иницијатори на комунистички и на либерални проекти.
Заклучокот што Ипи го извлекува од овој увид, сепак, не е циничниот став дека значајни промени се или невозможна или неизбежна. Напротив, борбата (за слобода) трае вечно. Ипи верува дека им должи на „сите луѓе од минатото кои жртвуваа сè затоа што не беа апатични или цинични и не веруваа дека работите сами ќе дојдат на свое место ако ги пуштите да одат по својот тек“.
Тука лежи нашата глобална болка. Ако мислиме дека работите сами ќе си дојдат на свое место доколку ги оставиме да го следат својот тек, ќе завршиме со повеќекратни катастрофи, од еколошки распад и пораст на авторитаризмот, до социјален хаос и распаѓање. Ипи го изразува она што филозофот Џорџо Агамбен го нарече „храброст на безнадежноста“ – признавањето дека пасивниот оптимизам е рецепт за самозадоволство, а со тоа и пречка за секоја значајна идеја и акција.
На крајот на комунизмот, во општеството имаше широко распространета еуфорична надеж дека слободата и демократијата ќе донесат подобар живот; на крајот, сепак, многумина се најдоа во очај. Тука започнува вистинската работа. Конечно, Ипи не нуди лесно решение, а во тоа лежи силата на нејзината книга. Таквата воздржаност е она што ја прави книгата филозофска. Поентата не е да се менува светот на слепо; туку, пред сè, да се види и разбере.
(Славој Жижек, професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии, е меѓународен директор на Институтот за хуманистички науки Биркбек на Универзитетот во Лондон. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)