Следниот четврток САД ќе го достигнат лимитот на долгот


Американската министерка за финансии Џенет Јелен го информираше Конгресот дека следниот четврток САД ќе го достигнат лимитот на долгот и потоа ќе прибегнат кон „вонредни мерки“ за да избегнат банкрот.

Во писмото до лидерите на Сенатот и Претставничкиот дом, Џенет Јелен рече дека нејзините мерки ќе му овозможат на Конгресот време додека не ја усвои легислативата за подигање на лимитот на долгот, сега на 31,4 билиони американски долари, или повторно да го суспендира на одредено време.

Тие мерки вклучуваат откажување од некои плаќања, како што се оние за федералните пензиски планови на вработените, за да се направи простор за други плаќања кои се сметаат за неопходни, вклучително и придонеси за социјално осигурување.

„Ако владата не ги исполни своите обврски, тоа ќе предизвика непоправлива штета на американската економија, приходите на сите Американци и глобална финансиска нестабилност. И во минатото, дури и заканите дека владата на САД би можела да не ги исполни обврските доведоа до вистинска штета, вклучувајќи го и единственото намалување на рејтингот во историјата на нашата земја, што се случи во 2011 година“, напиша Јелен.

Според неа, иако Министерството за финансии не може да процени колку вонредните мерки ќе ја продолжат способноста на државата да ги исполни своите обврски, „не е сигурно дека овие мерки ќе бидат исцрпени пред почетокот на јуни“.

Затоа е од клучно значење Конгресот да реагира навремено за да се подигне или суспендира лимитот за задолжување, рече Џенет Јелен.