Следната недела Левица ќе поднесе закон за патни трошоци за работниците


Откако во средата партиите од власта одбија да го поддржат предлог-законот на Левица, со којшто се предвидува ограничување на патните трошоци за пратениците, од партијата најавија измени во Законот за работни односи и враќање на патните трошоци кои работодавачите ќе бидат обврзани да им ги исплатат на работниците.

Во статус на социјалните мрежи, Претседателот на Левица – Димитар Апасиев потсети дека ова работничко право, беше укинато токму кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, на предлог на тогашниот министер за финансии Трајко Славевски, којшто е денес актуелен Претседател на Советот на град Скопје. 
​​
„Ок. Чим нејќете да си ги намалите патните трошоци како пратеници, веќе следната недела Левица во собраниска процедура ќе поднесе нов предлог-закон за враќање на патните трошоци на работниците (оние кои своевремено им ги укина вмровецот Трајко Славески, кога беше министер за финансии, како наводна ‘оставштина од комунизмот’),“ – напиша Апасиев.

Левица е на став дека доколку можат да се обезбедат патни трошоци за функционерите и пратениците, тогаш можат да се обезбедат и патни трошоци за работниците.